ЕУ СО НОВИ 1,24 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА УКРАИНСКАТА ОДБРАНА Киев ќе набавува дронови и ракети произведени во Украина
Европската комисија издвојува дополнителни 1,24 милијарди евра од заемот за Украина, наменети за набавка на дронови, системи за нивно пресретнување, муниција и ракети произведени во Украина.
Европската комисија издвојува дополнителни 1,24 милијарди евра од заемот за Украина, со кои земјата ќе може да набави дронови, системи за пресретнување на дронови и соодветна муниција, како и ракети произведени во Украина.
Средствата се дел од поширокиот заем од 90 милијарди евра за Украина за 2026 и 2027 година. Од вкупната сума, 60 милијарди евра се наменети за зајакнување на одбранбените способности и одбранбената индустрија на Украина, додека 30 милијарди евра се предвидени за буџетска поддршка и одржување на функционирањето на државата.
За 2026 година се предвидени до 28,3 милијарди евра за поддршка на одбранбената индустриска база на Украина. Европската комисија наведува дека дополнителните исплати ќе продолжат во текот на годината, согласно потребите на Украина и одобрените набавки.
Европската комисија објаснува дека средствата се наменети за задоволување на итните потреби на украинската одбрана, со посебен фокус на брза набавка на клучна воена опрема.
Во рамките на одбранбениот дел од заемот досега се одобрувани средства за дронови, ракети, муниција и системи за противвоздушна и противракетна одбрана. На 24 август, Комисијата одобри набавки во вредност од 6,1 милијарди евра за системи за воздушна и ракетна одбрана, ракети, муниција и радари.
Механизмот предвидува Украина да доставува договори склучени со одбранбени компании, по што Европската комисија ги проверува пред исплатата, за да се осигури дека средствата се користат за набавките договорени со Комисијата и земјите членки.
Според Европската комисија, целта е не само да се обезбеди итна воена помош за Украина, туку и да се зајакне и модернизира нејзината одбранбена технолошка и индустриска база и постепено да се интегрира со европската одбранбена индустрија.
Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, ЕУ и нејзините земји членки обезбедиле повеќе од 227 милијарди евра вкупна поддршка за Украина и Украинците, вклучително и 3,8 милијарди евра од приходите од замрзнатите руски средства.