ЕУ СО ИТЕН ПОВИК ДО СТРАНИТЕ Унијата бара максимална воздржаност на Блискиот Исток
Брисел апелира на смирување на тензиите и целосно почитување на меѓународното право во регионот.
Дваесет и седумте земји-членки на Европската Унија упатија повик за „максимална воздржаност“ и целосно почитување на меѓународното право во контекст на ескалацијата со Иран и пошироко на Блискиот Исток.
Како што соопшти шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, Унијата инсистира на заштита на цивилното население и придржување кон меѓународните норми.
„Повикуваме на максимална воздржаност, заштита на цивилите и целосно почитување на меѓународното право, вклучувајќи ги принципите на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното хуманитарно право“, се наведува во соопштението издадено во име на сите земји-членки.
Од Брисел нагласуваат дека внимателно ја следат состојбата и апелираат на дипломатски напори за намалување на тензиите во регионот.