ЕУ СЕ СОГЛАСИ ДА ГИ НАМАЛИ ЕМИСИИТЕ ЗА 90% ДО 2040 ГОДИНА Постигнат е политички компромис по месеци преговарање

Со договорот ќе се бара од европските индустрии да ги намалат емисиите за 85 отсто, а од 2036 година земјите-членки на ЕУ ќе им плаќаат на земјите што не се членки да ги намалат емисиите во нивно име, за да го надоместат остатокот до 90 отсто.

1

Европската Унија постигна правно обврзувачки договор за климата со кој до 2040 година ќе се намалат емисиите на стакленички гасови за 90 проценти под нивоата од 1990 година. Договорот вклучува и купување странски јаглеродни кредити за покривање на 5 проценти од намалувањата на емисиите, соопшти денеска Европскиот парламент.

Со договорот ќе се бара од европските индустрии да ги намалат емисиите за 85 отсто, а од 2036 година земјите-членки на ЕУ ќе им плаќаат на земјите што не се членки да ги намалат емисиите во нивно име, за да го надоместат остатокот до 90 отсто.






Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ мора одделно да ја одобрат целта, за таа да стане закон.

Спогодбата оди подалеку од повеќето ветувања за намалување на емисиите дадени од други големи економии. Сепак, целта е пониска од онаа што ја препорачуваат научните советници на ЕУ за климатските промени и е послаба од оригиналната цел, што ги одразува несогласувањата меѓу владите на ЕУ околу брзината и цената на нивната зелена агенда.

– Овој договор покажува дека климата, конкурентноста и независноста одат рака под рака и испраќа силна порака до нашите глобални партнери. Се согласивме за силен, но реалистичен закон за климата – рече Вопке Хоекстра, портпарол на Европската комисија за климатските промени.

Целта претставува политички компромис по месеци преговори во кои владите, вклучувајќи ги Полска, Словачка и Унгарија, се спротивставија на подлабоките намалувања на емисиите на јаглерод диоксид како премногу тешки за домашните индустрии, кои се борат со високите цени на енергијата, поевтиниот кинески увоз и американските тарифи.

Други членки на ЕУ, вклучувајќи ги Холандија, Шпанија и Шведска, како причини за поставување на високата цел ги наведоа влошувањето на екстремните временски настани и потребата да се стигне Кина во производството на зелена технологија.

Поврзани содржини