ЕУ РИЗИКУВА ДА ПРОПАДНЕ КАКО ЈУГОСЛАВИЈА И КАКО СССР Хрватскиот претседател Милановиќ вели дека Европа наметнува едноумие

Не можат сите да се однесуваат на ист начин, а заедничките демократски вредности се прашање на толкување - рече Милановиќ.

211

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вчера изрази надеж дека Европската Унија нема да пропадне поради наметнување едноумие, како што тоа им се случи на Југославија и на Советскиот Сојуз.

Милановиќ е во дводневна посета на Словачка, каде што денеска ќе се сретне со словачкиот колега Петер Пелегрини и со премиерот Роберт Фицо.






На состанокот со претставниците на хрватското национално малцинство во хрватската амбасада во Братислава, Милановиќ рече дека Пелегрини и Фицо ги познава долго време, комуницира со нив и дека е нивен истомисленик, „што не значи дека денес во Европа сите мислат исто“.

– Но, постои една тенденција луѓето да се наговараат, а ако не оди убаво, многу брзо се откажуваат од тоа, па потоа се оди на сила за сите да мислат исто, а тој филм веќе го гледавме. Поради тоа пропаднаа Југославија и Советскиот Сојуз. Се надевам дека нема и Европската Унија. Не можат сите да се однесуваат на ист начин, а заедничките демократски вредности се прашање на толкување – рече Милановиќ.

Се очекува Милановиќ со Пелегрини да разговара за билатералните односи, за економската соработка, проширувањето на Европската Унија, европската одбрана и безбедност, енергетската соработка, како и за војните во Украина и на Блискиот Исток.

Кабинетот на претседателот ги опиша односите меѓу двете земји како „пријателски, стабилни и без отворени прашања“.

Размената на стоки во 2024 година изнесувала 1,5 милијарди евра, а во првите 11 месеци од оваа година Хрватска ја посетиле 528.000 словачки туристи.

Поврзани содржини