ЕУ-проширување со отворени карти

Едно од клучните прашања на кои ЕУ се обидува да му вбризга нова енергија е проширувањето и прием на нови членки.

441

По назначувањето на Фридрих Мерц за германски канцелар, откако се провлече низ иглени уши и да го обезбеди потребниот минимум гласови, многумина во Европа побрзаа да констатираат дека и ЕУ сега може да здивне. Откако се распадна претходната германска владина коалиција, поради несогласици и судири околу бројни важни прашања, Берлин отсуствуваше од сите важни состаноци во Европа.

Мерц веќе вети посилно германско лидерство во ЕУ, но поддршката од историски најважниот сојузник на Германија, Соединетите Американски Држави, според низа показатели сега е заменета со „активна субверзија“. Поради прогласувањето на крајно десничарската АфД за екстремистичка партија, Германија, која со децении важеше за мотор на ЕУ и европските интеграции, се соочи со остри критики. Посебно од страна Вашингтон, каде што американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја обвини германската влада дека „повторно гради Берлински ѕид“.






Фридрих Мерц го започнува својот мандат во моментот кога ЕУ е соочена со сериозни геополитички предизвици. Мерц, всушност, зачекорува како лидер на разнишана политичка градба, чии темели се под директен удар на сојузниците од Вашингтон. Едновремено, десничарскиот популизам е во пораст – не само во Германија, туку во цела Европа. А тоа не е добра вест за европските интеграции.

Едно од клучните прашања на кои ЕУ се обидува да му вбризга нова енергија е проширувањето и прием на нови членки. Бриселската бирократија која упорно го турка на агендата започнувањето на пристапните преговори за членство на Украина, која е во војна, и Молдавија, која не контролира речиси половина од својата територија, наидува на скептични гледишта и спротивставувања.

ЕУ, тврдејќи дека излегла од периодот на „заситеност“ од проширување, сака геополитички да ги врзе за себе и земјите кандидатки од Западен Балкан, и да ги внесе формално и суштински во заедницата. Но, ЕУ притоа постојано станува построга и ги заострува своите барања, не само поради геополитичките приоритети, туку и поради нагласената потреба да ги спроведе своите внатрешни реформи и да ги ефектуира процесите на донесување одлуки.

Фридрих Мерц, како и неговиот претходник Олаф Шолц, пред извесно време зборуваше за неопходноста од ограничување на правото на вето во ЕУ, а со што значајно би се подобрило функционирањето на Унијата, така што би се намалиле можностите одделни земји-членки да се повикуваат на сопственото национално вето и да ги блокираат заедничките одлуки, посебно кога станува збор за надворешно-политички прашања. Правото на вето од поодамна се користи како механизам за блокирање на европските интеграции и наметнување услови и измислување нови барања и критериуми пред земјите кандидатки за членство. Македонија јасно може да се посочи како пример, но не и единствен, за наметнување на таква непринципиелна политика.

Интересно е дека ставовите и гледиштата околу европските интеграции, кои доаѓаа до израз пред повеќе од дваесетина години, во пресрет на најголемиот круг на проширувањето на ЕУ со прием на десет полноправни членки, главно бивши комунистички земји од Источна Европа, и денеска во многу нешта ја имаат истата тежина.

И покрај тогашните отпори и спротивставувања во однос на настојувањата за прием на прибалтичките земји Естонија, Летонија ни Литванија, тие набрзо ја оправдаа довербата и се покажаа како една од најуспешните приказни на ЕУ-проширувањето. Но токму скептичните гледишта со кои беа соочени на својот „европски пат“, придонесуваа за продлабочување на евроскептицизмот меѓу нивните граѓани.

Доколку нема заемна доверба и почитување меѓу земјите кандидати и земјите-членки, како што тогаш тврдеше поранешниот летонски претседател Гунтис Улманис, нема да има проширување. „Ако нашето членство не успее, можеби ќе треба да бараме други решенија за нашите земји“. Тоа во својот дебатен напис во 1999 година, објавен во шведски медиуми, го потенцираше Улманис во пресрет на одлуката на ЕУ за тоа кои земји ќе бидат вклучени во преговорите за членство.

Се чини дека атмосферата околу (не)довербата во добрите намери на ЕУ не се разликува многу кога се во прашање актуелните ставови и расположенија меѓу кандидатките од Западен Балкан. Брисел поставува барања за реформи за унапредување на демократските принципи, владеење на правото и слобода на медиумите, на како да ги затвора очите дека довербата меѓу земјите-членки и земјите-кандидатки во многу нешта е сведена на минимум. Софија и нејзиното вето јасно го определуваат карактерот на бугарско-македонскиот дијалог околу евроинтеграциите.

Доколку ЕУ навистина сака да спроведе нов круг на проширување, неопходно е тоа го направи со отворени карти, и со јасно испраќање пораки дека вратата во чекалната најпосле навистина се отвора.

Затоа, политичарите на ЕУ кои веруваат во проширувањето не можат само да продолжат да се кријат зад мантрата дека разговорите треба да се темелат врз процес „заснован на заслуги“. Тоа што се очекува од ЕУ-лидерите, не само од Мерц, де а објаснат зошто веруваат дека ЕУ ќе има корист од тоа да има повеќе членки и притоа пред сопствените избирачи да се обидат да одговорат на тешките прашања. На таков начин ќе можат да се обидат да ги убедат и скептичните политичари од ЕУ, и да им дадат можност на гласачите да формираат сопствено мислење врз основа на поконкретни факти, а не, пред сè, врз страв и предрасуди.

Во спротивно, веројатно нема да помине долго пред многумина во ЕУ, не само Бугарија, да почнат да го користат своето право на вето за да го забават проширувањето. За такво нешто несомнено ќе имаат голем број можности на располагање.

Поврзани содржини