ЕУ-проширување со изместен фокус
Правото на вето е разбирливо кога станува збор за прашања кои во крајна линија се однесуваат на одлуки кои можат да влијаат на животот и безбедноста на граѓаните. Затоа се вели дека таква мора да биде одговорност на одделните земји-членки, а не заедничка на ЕУ. Но, правото на вето често се користи како исклучителна можност за земјите-членки да размислуваат само од аспект на националните интереси, без да покажат и одговоност за да вложуваат труд и енергија за убедување на другите во идеи од кои би имала корист целата ЕУ.
Секој нов круг на проширување на ЕУ, историски гледано, се разликува од претходниот, според барањата и критериумите кои во многу нешта стануваат се понепредевидливи и дифузни. Во надворешната политика, како и во многу други нешта, ЕУ не зборува со еден глас. Посебно кога станува збор за посакуваниот развој што ќе води кон стабилна зона во непосредното соседство на ЕУ, сочинета од земји ориентирани кон Западот и кон евринтеграциите.
Дали таквите надежи постепено гаснат, гледајќи што се случува со масовните протести во Грузија и Молдавија во сенка на ширењето на дезинформации, или каква димензија добиваат наметнувањата на билатерланите спорови од минатото во Западен Балкан, кои преку условувања мошне ефикасно го изместуваат фокусот од традиционалните критериуми за влез во ЕУ.
Мошне често речиси непремостлива пречка во Брисел е дека заедничката надворешна политика на ЕУ треба да се заснова на тоа да се согласат сите земји-членки. Кога не може да се постигне договор, работата застанува, ништо не се случува.
Правото на вето е разбирливо кога станува збор за прашања кои во крајна линија се однесуваат на одлуки кои можат да влијаат на животот и безбедноста на граѓаните. Затоа се вели дека таква мора да биде одговорност на одделните земји-членки, а не заедничка на ЕУ. Но, правото на вето често се користи како исклучителна можност за земјите-членки да размислуваат само од аспект на националните интереси, без да покажат и одговоност за да вложуваат труд и енергија за убедување на другите во идеи од кои би имала корист целата ЕУ.
Од тие причини во Брисел веќе подолго време се водат дискусии дека правото на вето во однос на надворешната политика би требало да се ограничи, Но на каков начин и во кои подрачја?
ЕУ е незавршен проект на Континетот и мора да се подготви за големо проширување со укинување на ветото, зголемување на буџетот, зајакнување на владеењето на правото и пофлексибилно членство. Вакво мислење изнесе пред извесно време група независни експерти назначени од Франција и Германија, со задача да презентираат предлози за иднината на Унијата. „ЕУ сè уште не е подготвена да прими нови членки. Бруталната војна на Русија против Украина, зголемувањето на тензиите во и меѓу регионите и слабеењето на структурите на глобалниот поредок, ги урнаа темелите врз кои е изградена ЕУ“, подвлекоа дванаесетте експерти во нивниот извештај.
Но за да се придобијат и одоброволат земјите-членки, наместо користење на правото на вето да преминат кон пракса на донесување одлуки со квалификувани мнозинство, експерската група предлага ЕУ-членките да можат да ги „поттурнуваат“ национално чувствителните прашања кон масата на шефовите на држави и влади, но со напоредно зајакнување на гласачката тежина на помалите земји и создавање можност да се оградат од одлуки за кои претходно се бараше консензуална едногласност.
Ваков вид „неопходни“ реформи во ЕУ, кои се заговараат на повеќе нивоа, сепак се уште немаат видливи контури. Посебно во услови кога моторот на ЕУ, двете најмоќни членки, Германија и Франција, се соочуваат со крупни внатрешни проблеми, со сериозни политички и економски потешкотии.
Зачестија критиките и заострени мислења, најмногу во светлината на изборните успеси на популистите и екстремната десница, и откако Европската народна партија (ЕПП), најголемата политичка групација во Европскиот парламент, повторно ја номинираше Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија. Под нејзино водство на ЕУ, економијата пропаѓа, индустријата исчезнува и исламизмот се шири. Критичарите гледаат малку светли нијанси во нејасната иднина на ЕУ.
Се разбира, реалноста е мошне ретко само црно-бела, така што и понатамуи може да се извлекуваат и поинакви заклучоци, гледано од аспект на ставовите и расположенијата на поширок план во рамки на Унијата. Најновото испитување на јавното мислење, нарачано од Европската комсија, покажува дека мнозинството европски граѓани, во сите земји-членки, освен во Луксембург, имаат поголема доверба во ЕУ, отколку во сопствените влади. Во Германија 49 отсто од анкетираните изразиле доверба во институциите на ЕУ, во споредба со 34 отсто изразен поддршка на сопствената влада.
Во Франција расположенија се уште попесимистични – 35 отсто доверба во ЕУ и само 18 отсто во владата. Значајно е поголем и процентот на граѓаните во Бугарија, Хрватска, Грција и Словенија кои изразуваат доверба во ЕУ, наспроти сопствените влади. Во рамки на целата ЕУ најнизок процент на недоверба во сопствената влада е регистриран во Словенија – само 17 отсто.
Од ЕУ се очекува да се избори за поголем простор и подоминантна улога во справувањето со крупните прашања кои на Европа ќе и овозможуваат јакнење и посилна позиција во глобални рамки, Во колкава мера Брисел ќе продолжи да ги премолчува и да се поставува пасивно кон националните посегања кон вето и блокирања на натамошните евроинтеграции, ќе стане појасно во наредните години, иако можеби не доволно јасно до наредниот круг на проширување со нови членки, кој се предвидува до 2030 година. ЕУ-членките мора да покажат подготвеност за компромис за да ги усогласуваат своите ставови и интереси, дури и кога се во прашање чувствителни прашања во областа на надворешната политика.
Веќе е констатирано дека ЕУ треба да се реформира за да може да функционира со сегашните 27 членки, но и кога таа бројка ќе се искачи до можни 35 полноправни земји-членки. Со (ограничено) право, или без право на (злоупотреба) на вето. Натамошни отстапки на штета на сопствените национални интереси од страна земјите кандидатки за членство, вклучувајќи ја и Македонија, суштински нема да помогнат за забрзување на тој процес.