ЕУ ПОД ЗГОЛЕМЕНА БЕЗБЕДНОСНА ЗАКАНА Европол стравува од терористички и сајбер напади

Според Европол, радикализацијата на поединци и активирањето на посреднички мрежи може да доведе до терористички и кибер напади во Европа.

81

Заканата од терористички напади на територијата на Европската Унија (ЕУ) е зголемена поради конфликтот со Иран, предупреди денеска Европол, посочувајќи дека ирански посреднички актери би можеле да започнат дестабилизирачки активности во земјите-членки.

Портпаролот на Европол, Јан Оп Ген Орт, изјави дека нивото на терористичка и екстремистичка закана на територијата на ЕУ е оценето како „зголемено“, додавајќи дека тоа би можело да се манифестира преку радикализација на поединци или преку мали, самоиницијативни ќелии формирани во рамките на ЕУ.






Според него, брзото ширење на содржини на интернет дополнително може да ја забрза краткорочната радикализација меѓу членовите на дијаспората во ЕУ и други поединци.

Европол, исто така, изрази загриженост дека ирански посреднички актери би можеле да бидат активирани.

– Овие актери вклучуваат таканаречена „Оска на отпорот“ и криминални мрежи кои дејствуваат под надзор на иранските безбедносни институции – рече Оп Ген Орт.

Тој додаде дека нивните активности би можеле да вклучуваат терористички напади, кампањи за заплашување и финансирање тероризам, но и сајбер напади, ширење дезинформации или интернет измами.

Според проценката на Европол, ризикот од кибер напади насочени кон инфраструктурата и деловниот сектор би можел дополнително да се зголеми доколку конфликтот продолжи.

– Конфликтот ќе создаде паралелна динамика во онлајн просторот. Криминалните и терористичките мрежи ќе ја искористат зголемената информативна средина преку измами и дезинформации со употреба на вештачка интелигенција – рече Оп Ген Орт.

Европскиот колеџ за безбедност и одбрана претходно оваа недела одлучи да ја засили соработката со Европол поради стравувањата од иранска одмазда по атентатот врз врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи.

Поврзани содржини