ЕУ НЕ МОЖЕ ДА ГО САНКЦИОНИРА ДОДИК БИДЕЈЌИ НЕМА ЕДНОГЛАСНОСТ МЕЃУ ЧЛЕНКИТЕ Босна и Херцеговина ќе остане без 1 милијарда евра
Босна и Херцеговина има статус на кандидат, но поради внатрешнополитичката ситуација, земјата не може ниту да го именува главниот преговарач, рече еврокомесарката за проширување и соседска политика, Марта Кос.
Еврокомесарката за проширување и соседска политика, Марта Кос, изјави дека Европската Унија не може да воведе санкции врз претседателот на Република Српска, Милорад Додик, бидејќи сите земји-членки не се согласуваат со тоа.
– Земјите-членки не се обединети по прашањето за санкциите против Додик – изјави Кос за Радио Слободна Европа.
Таа истакна дека „е тешко да се работи со некој што не го прави најдоброто во интерес на својата земја – Босна и Херцеговина“ и нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и уставен поредок.
– И тоа е една од причините зошто сè уште не сме во можност да отвориме преговори со Босна и Херцеговина, иако Босна и Херцеговина има статус на кандидат, но поради внатрешнополитичката ситуација, земјата не може ниту да го именува главниот преговарач – рече Кос.
Таа додаде дека владата во Босна и Херцеговина „не е во можност да стави на хартија реформска агенда што би ѝ овозможила да добие 1 милијарда евра од Планот за раст на ЕУ“.
Кос оцени дека, кога станува збор за процесот на преговори, гледа надеж во опозицијата во РС.
– Засега, постојат некои светли точки, а тоа е дека во РС постои опозиција, која станува поконструктивна, а тоа потоа би можело да биде пробив за процесот на преговори – заклучи европската комесарка.