ЕУ НЕ Ѝ ДОЗВОЛУВА НА УКРАИНА КОМПРОМИС Захарова тврди дека Брисел ја попречува можноста за мир
Руската портпаролка ја обвини Украина за ескалација, а Европската Унија за спречување на компромис во мировниот процес.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска ги обвини Украина и Европската Унија дека се залагаат за продолжување на војната наместо за дијалог.
На прес-конференција во Москва, Захарова изјави дека Киев „прави сè за да го спречи постигнувањето праведен мир“ и дека ги интензивира нападите во период кога се одржуваат меѓународни состаноци поврзани со конфликтот.
Таа ја обвини украинската страна дека изведува ракетни и беспилотни напади врз цивилни цели во Русија и го поврза тоа со, како што рече, обид за попречување на преговарачкиот процес. Захарова го спомена и наводниот неуспешен обид за атентат врз рускиот генерал Владимир Алексеев како доказ за, според неа, намерата на Киев да ја ескалира ситуацијата.
Руската дипломатка упати критики и кон Европската Унија, тврдејќи дека Брисел не ѝ дозволува на Украина да прифати компромис и дека со тоа ја попречува можноста за прекин на конфликтот.
Според Захарова, сè додека ЕУ не ја прифати руската позиција за „коренските причини“ на кризата, не може да има конструктивна улога во мировниот процес.
Таа ја обвини и Франција дека се обидува да ги саботира руско-американските контакти, додавајќи дека Москва никогаш не одбила дијалог со Париз. Изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за можен телефонски разговор со Владимир Путин, според неа, останала без реализација.
Изјавите доаѓаат во време на зголемени дипломатски активности поврзани со војната во Украина и меѓусебни обвинувања меѓу Москва, Киев и западните земји.