📽️ ЕУ НАЈАВИ АГРЕСИВЕН И СКАП ПЛАН ЗА ОДБРАНА Фон Дер Лајен ја откри сумата со која ќе се мобилизира воената индустрија

Потребно ни е големо зголемување на одбранбениот капацитет, нема сомнеж за тоа. Сакаме траен мир, но траен мир може да се изгради само на сила, а силата започнува со зајакнување на самите себе, истакна претседателката на Европската комисија.

562

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска објави амбициозен план за зајакнување на европската одбранбена индустрија и зголемување на воените капацитети на ЕУ, кој би можел да мобилизира речиси 800 милијарди евра.

Зборувајќи на прес-конференција, Фон дер Лајен најави дека Брисел ќе предложи нови мерки за обезбедување поголем фискален простор за земјите-членки со цел инвестирање во одбраната. Во планот е предвидено и доделување на 150 милијарди евра во заеми за воени инвестиции, како и дополнително ангажирање на приватен капитал.






– Потребно ни е големо зголемување на одбранбениот капацитет, нема сомнеж за тоа. Сакаме траен мир, но траен мир може да се изгради само на сила, а силата започнува со зајакнување на самите себе – истакна Фон дер Лајен.

Таа откри дека до европските лидери веќе испратила писмо во кое детално се образложени петте клучни точки на планот за повторно вооружување на Европа:

Зголемување на јавното финансирање за одбраната – Ако земјите-членки ги зголемат трошоците за одбрана за 1,5% од БДП, тоа би можело да создаде фискален простор од речиси 650 милијарди евра во следните четири години.

Нов инструмент за финансирање – Војните инвестиции би биле поддржани со заеми во висина од 150 милијарди евра.

– Користење на буџетот на ЕУ за одбранбени проекти – Фокусот ќе биде насочен кон заеднички европски проекти за развој на воени технологии и индустриски капацитети.

– Мобилизирање на приватен капитал – Преку Синдикатот за штедење и инвестиции ќе се ангажираат дополнителни финансиски средства.

– Ангажирање на Европската инвестициска банка – Како клучен фактор за привлекување приватни инвестиции во одбранбената индустрија.

Фон дер Лајен подвлече дека ова е историски момент за Европската Унија.

– Ова е клучен момент за Европа и ние мора да го искористиме – нагласи таа, додавајќи дека целта е континентот да стане самостоен во воената индустрија и да ја намали зависноста од надворешни извори на оружје и воени технологии.

Европската комисија ќе продолжи со консултации со земјите-членки за реализација на овој план, кој се очекува да биде една од клучните теми на претстојните самити на Унијата.

Поврзани содржини