ЕУ како спас за сиромашните
Веројатно нема воопшто да биде претерано доколку пропорционално во однос на целата ЕУ се примени максимата од периодот на поранешна Југославија, – колку појужно, толку потажно.
И пред падот на комунизмот Бугарија и Романија, во однос на Југославија, според сите меродавни показатели, се сметаа за позаостанати земји. Бугарската економија, според најновите статистички податоци на Евростат, е за 36 проценти на пониско ниво од просекот во рамки на ЕУ. Во исто време романската економија се искачи на ниво од 78 отсто од ЕУ-просекот, повеќе од хрватската економија, која лани достигна 76 отсто.
Нема сомнение дека ЕУ им го отвори патот за забрзан развој на бившите тоталитарни режими, кои беа притиснати во сенката зад Железната завеса во Европа. За Бугарија, која од 44 проценти во 1995 се искачи на 64 проценти од европскиот просек, ЕУ функционираше како вистински лост, без оглед на фактот дека Бугарија на ранг-листата на Евростат и понатаму е рангирана на последното место, како најсиромашна економија во ЕУ, според БДП по жител (мерен според стандарод на куповна моќ).
Развојот во ЕУ во последните десетина години, откако беше примена последната ЕУ-членка, покажува интересни резултати. Хрватска стана членка во 2013 година, а во текот на изминатата деценија постигна скок од 62 на 76 проценти од европскиот просек, според БДП по глава на жител.
Македонија, која како земја кандидатка е опфатена со статистичките анализи на Евростат, во перодот на изминатата деценија бележи скромен пораст од 36 проценти во 2013 година на 42 проценти во 2022, а што за 58 отсто помалку од европскиот просек спред куповната моќ пер капита. Во рангирањето, зад Македонија, на опашката од развојот на европските економии, се само Босна и Херцеговина и Албанија.
Веројатно нема воопшто да биде претерано доколку пропорционално во однос на целата ЕУ се примени максимата од периодот на поранешна Југославија, – колку појужно, толку потажно.
Тоа недвосмислено го потврдуваат и најновите статистички показатели. Само неколку проценти над Бугарија, како претпоследна на ранг-листата е Грција, која од 2013 година доживеа дури и значаен пад на куповната моќ по глава на жител – од 72 на 67 проценти лани. Гледано, пак, во подолг период, од 1995 година, кога Грција беше на ниво од 87 проценти од ЕУ-просекот, постепено потона за цели 10 проценти. Грција е полнопреавна членка во ЕУ повеќе од четири децении.
Земјата која остана со најниска куповна моќ според БДП по глава на жител е како што беше и пред десет години – Бугарија. Тоа во секој случај не ги спречи Бугарите да го поткренат својот животен стандард и да станат побогати во однос на 2013 година. Но бидејќи едновремено другите земји станаа уште побогати, Бугарија останува на дното на листата на ЕУ-членките.
Еден од главните ефекти, гледано во подолг временски период од неколку децении, е тоа што БДП по глава на жител на членките на ЕУ се приближи до европскит просек, така што постепено се случува изедначување меѓу населението на најбогатите земји и жителите на најсиромашните земји во Унијата. 13 од 16-те најсиромашни членки на ЕУ и 8 од 11-те најбогати земји денес се поблиску до просекот на ЕУ отколку пред десет години. Словенија лани се искачи на 91 процент од ЕУ-просекот.
ЕУ е несомнено спас за сиромашните во Европа. На Бугарија и беа потребни повеќе од една и пол деценија, колку што е полноправна ЕУ-членка, за да ја подобри својата релативна куповна моќ по глава на жител за околу 20 проценти. Својот „европски пат“, сметајќи ги претходните десетина години на пристапните преговори, пред да стане членка во 2007 година, Бугарија го започна на ниво од само 30 отсто од европскиот просек. Оттогаш повеќе од двојно го зголеми својот БДП биланс по глава на жител – на 64 проценти.
Македонија, во лигата на сиромашниот Југ, е уште далеку и од нивото од 50 отсто од европскиот просек, каде што моментално се наоѓа Црна Гора. Колку години, или, подобро речено, децении ќе ѝ бидат потребни на Македонија, која ѐ уште ги нема ни започнато пристапните преговори за членство, како и на Западен Балкан во целина, да се доближи до нивото на Бугарија во однос на ЕУ-просекот, е, најблаго речено, неблагодарно да се прогнозира.
Но економските разлики меѓи најбогатите и најсиромашните членки на ЕУ продолжуваат да се намалуваат. Што би можела да биде подобра алтернатива за една девастирана економија и длабоко корумпирано општество какво што е Македонија, освен, според принципот на „отрезнување“, да се пристапи на сериозен начин кон вистинско исполнување на пристапните критериуми, а што постепено ќе води кон целта – отворање на портите на ЕУ и прием во членството. Без оглед колку изградбата на таквиот пат би можела да трае.
Но предизборните прикаски кои се лансираат со некакви ветувања за експресно трасирање на патот и брзо ЕУ-зачленување, по „само четири години“, веројатно ќе бидат и брзо заборавени. Како празни зборови. Кои ќе трајат колку што ќе трае и предизборната кампања во Македонија.
Граѓаните и избирачите, всушност, се тие што реалноста ја доживуваат и чувствуваат на најдобар начин.