ЕУ како поле за културен натпревар

Доколку ЕУ во поширока смисла би ја сфатиле и како „поле за културен натпревар меѓу народите“, за Албанија, ‒ некогаш најзатворената држава во Европа, ‒ тоа значи дека нејзиниот европски пат сега се движи во таа насока.

160

Албанија успеа да се „одлепи“ од Македонија и да го забрза чекорењето на патот кон Брисел. ЕУ и Албанија минатата недела отворија нов преговарачки кластер во процесот на пристапување на земјата во Унијата. Во рамки на постепеното приспособување на законите и регулативата кон европските стандарди, една од важните области опфатени со овој кластер е и културата и образованието. Доколку ЕУ во поширока смисла би ја сфатиле и како „поле за културен натпревар меѓу народите“, за Албанија, ‒ некогаш најзатворената држава во Европа, ‒ тоа значи дека нејзиниот европски пат сега се движи во таа насока.

Европскиот пат на Македонија е сè уште блокиран, далеку помалку по сопствена вина, и многу повеќе поради децениските билатерални спорови и политички уцени за изнудување отстапки на штета на сопствениот национален, јазичен и културен идентитет, кои немаат директна врска со суштинските критериуми за членство. Значи, истите оние добро познати Копенхашки критериуми, кои Брисел упорно им ги поттура на земјите кандидатки на преговарачката маса.






Албанија веќе на големо ги отвора преговарачките кластери, а за Македонија и понатаму се избираат утешни дипломатски зборови за поддршка на нејзиниот веќе дведецениски стар кандидатски статус. „Работиме на механизми за деблокада на евроинтегративниот процес на Македонија“, изјави деновиве во Скопје Каја Калас, уште една во долгата низа високите бриселски претставници кои се занимавале со континуираното ставање бариери на европскиот пат на земјите од Западен Балкан.

Во европските интеграции и доближувања културата, и културната дипломатија, несомнено имаат големо значење. Токму во таков контекст, претседателката Гордана Силјановска-Давкова, неодамна укажа на важноста на културната дипломатија, повикувајќи се на перцепцијата на Гоце Делчев на светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Се разбира, светот не може да се сведе само на ЕУ, но за Македонија тоа е природно и географски најблиско поле за натпревар. Културата е најмоќниот ресурс на малите народи и треба да го добие вистинското место во дипломатијата, смета македонската претседателка, околу што, всушност, и не би требало да има некакви посериозни дилеми.

Голем број ЕУ-членки прават големи заложби културата да добива значајна улога во нивните односи на меѓународно ниво. Интернационализацијата на културата, всушност, станува се поважна, а во таа смисла институциите имаат важна улога во рамките на таканаречената културна дипломатија, односно долгорочно развивање на меѓусебните односи, користејќи ја културата како средство.

Заострувањето на геополитичките состојби има големо влијание на политиката и на обемот и интензитетот на врските на меѓународен план. Но, сепак, вреди да се истакне дека Европската комисија пред неколку години усвои нова стратегија за промовирање на културата во меѓународните односи на ЕУ. Со други зборови, културата со тоа добива позначајна улога во надворешната политика на ЕУ. Стратегијата опфаќа широка перспектива и има за цел да ја поттикне културната соработка помеѓу ЕУ и партнерските земји надвор од Унијата. Оваа стратегија исто така има за цел да го стимулира светскиот поредок заснован на мир, владеење на правото, слобода на изразување, меѓусебно разбирање и почитување на основните човекови права.

Голем број различни области на политиката се вклучени во таа стратегија со цел да се засилат напорите за спречување на стереотипите и предрасудите преку отворен дијалог, толеранција и меѓусебно почитување. Овие мерки дополнително би требало да резултираат со спречување на конфликти и олеснување на помирувањето меѓу земјите.

Почитувањето и ширењето на знаењето за различни култури може исто така да промовира интеграција, зближување и зачувување на културното наследство. Стратегијата вклучува дефинирање на модели на соработка за земјите-членки, нивните националните културни институции, приватните и јавните актери во ЕУ, но и во земјите партнери. Интересно би било да се слушне како таков модел, според бриселкста бирократија, би требало на профункционира на Балканот, во градењето (добро)соседски односи и соработка меѓу балканските земји кои се веќе членки и оние кои се стремат кон членство во ЕУ.

Културата во најширока смисла на таквите заложби треба да биде дел од надворешната политика, како моќно средство за градење мостови меѓу луѓето, особено меѓу младите, и создавање меѓусебно разбирање. На таков начин може да биде и двигател за економски и социјален развој. Во однос на предизвиците со кои се соочува Европа, и кои, всушност, се заеднички, токму културната дипломатија може да добие едно од централните места во градењето меѓународни односи.

Културата, заправо, како што беше истакнато при промовирањето на споменатата стратегија, функционира како скриен скапоцен камен во надворешната политика, што придонесува за разговор и разбирање. И покрај тој факт, голем број членки на ЕУ, дури и оние најбогатите, не вложуваат доволно средства во меѓународната културна размена.

Функционирање на динамичен културен живот во една земја зависи и од надворешните импулси. Токму затоа се неопходни контакти за националните уметници и културни работници со колегите, публиката и културните настани и манифестации – на домашен план, и колку што е можно повеќе во странство. Сосема е јасно дека уметниците и културните работници се способни и сами да стекнат такви искуства. Но државата ја има важната задача да ги олесни тие процеси, со издвојување на финансиски средства за поддршка на промоцијата на културните и уметничките вредности и етаблирање на контактите и културната соработка во меѓународните односи. Такви буџетски средства во Македонија, патем речено, хронично недостасуваат, така што државата најчесто не може да се пофали ниту со скромни суми кога ќе се споменат издвојувања за културата ‒ и тоа токму во контекстот на таа толку многу експлоатирана мисла за „полето за културен натпревар меѓу народите“.

Балканската композиција, иако тромаво и несигурно, продолжува да се движи по пругата кон Брисел. Ако би се обиделе да се изразиме иронично, би можеле да се потсетиме на една опашка од страна на телевизијата „Јутел“ во периодот пред распаѓањето на поранешна Југославија, при што за Македонија беше речено: „Каква ви е тоа држава чиј Запад е Албанија“. Да се надеваме дека при тековното мешање на картите, перцепцијата за значењето на соседите според географските страни, како што тоа го посочуваше Јутел пред три и пол децении, во најскора иднина нема да се доживува низ нејзината обратнопропорционална димензија.

Поврзани содржини