ЕУ како (не)посакувана алтернатива на Балканот

Не прифаќајќи да се помири со преминување и дејствување во опозиција, ДУИ не покажа некаква поголема смисла за демократските принципи како основен постулат на ЕУ, доведувајќи го во прашање уставните одредби и постизборната волја, и претпоставките кои му се на располагање на победникот на изборите да формира владино мнозинство.

828

Незадоволството и резигнацијата, постојано се зголемуваат кога во услови на општествена трансформација, транзиција, корупцијата се користи како средство за „подмачкување“, преку кое некоја помала група, независно од политичката или етничката припадност, станува енормно богата. Таквото однесување не се менува дури и откако некои земји ќе се зачленат во ЕУ.

Коалицијата „Европски фронт“ веќе подолг период речиси секојдневно го повторува „нашиот евроатлантски курс како единствена алтернатива за заедничката иднина“ на Македонија. Но, не прифаќајќи да се помири со преминување и дејствување во опозиција, ДУИ не покажа некаква поголема смисла за демократските принципи како основен постулат на ЕУ, доведувајќи го во прашање уставните одредби и постизборната волја, и претпоставките кои му се на располагање на победникот на изборите да формира владино мнозинство. Кога ДУИ веќе не може да ги ползува благодетите на власта, тогаш може и да се заканува дека без нив нема ни хармоничен етнички соживот, бидејќи Македонците ќе бидат „проголтани“.






Чудно е, најблаго речено, таквото сфаќање на демократијата, и нејзиното функционирање според повикување на нејзиниот „европски урнек“. Но не се само лидерите на ДУИ, се разбира, кои демократските начела ги развлекуваат и моделираат според тежината на својата дневно-политичка и материјално-интересна агенда. Ниту СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се имаат запишано во политичкото досие по осамостојувањето на државата како борци за демократија, медиумски слободи, владеење на правото и правната држава, за неотстапување од принципот на еднаквост пред законот и извршување на кривичните санкции. Би се рекло: „Ќе тераме вака додека не сме во ЕУ!“ Но што потоа? Мицкоски со право постојано потсетува на оние срамни „два процента доверба“ на македонските граѓани во македонските правосудни орагани.

Од каде тогаш извира, и со толкава жар и упорност се повторува: „ние немаме друга алтернатива, нашиот пат води таму каде што несомено припаѓаме. кон ЕУ“. Западен Балкан не смее да биде заборавен, бидејќи Унијата без своето непосредно соседство, не може да биде целосно завршен проект. Прашање е само како тоа балакнско „предградие“ да се интегрира, да се доведе во ред за да може барем донекаде да функционира според она што се почесто се оспорува и проблематизира – европските вредности.

Моментно, кога Европа се соочува со сериозни безбедносни и економски предизвици, речиси од ниедна страна не можете да забележите некаква позначајна анализа на преспективите и натамошните чекори на проширување на ЕУ. Тешко се отвора простор во таа насока за каква било кредибилност, дури и ако некој би се обидел да направи напор да излезе и каже нешто ново, што би било сфатено на сериозен начин.

Во секој случај, перцепцијата околу членството во ЕУ се пројавува како најсоодветна алтернатива за напуштање на економската заостанатост и нестабилност, но едновремено многу малку се зборува и за тоа како членството всушност практично функционира во еден толку голем и динамичен систем. Тоа, впрочем, во извесна смисла е и проблем што на различни нивоа и во различен обем е забележлив и пошироко во самата Унија, а што се доживува како јаз меѓу бирократијата која ги донесува одлуките и граѓаните-избирачи. Многумина ја доживуваат ЕУ како нешто што е мошне оддалечено и тешко да се разбере.

Сепак, уште од самите почетоци на ЕУ траат и се интензивираат заложбите за поефикасно решавање на заедничките проблеми и предизвици. Во таа смисла, продлабочувањето на европската соработка ги зајакнува и институциите, за разлика од гледиштата што иднината ја засновуваат врз статус-кво, дека ништо не треба да се менува, а што е резултат на погрешно втемелена анализа и претставува потенцијална опасност за иднината на целата Унија.

Од многумина во Европа ќе слушнете, и тоа не само од екстремно десничарските и популистички партии, дека натамошниот развој на демократијата и правната држава во балканските земји треба да добие шанса, со цел тие да се квалификуваат за членство во ЕУ, бидејќи цената би била многу повисока доколку не продолжи процесот на проширување. Но без никакви попречни патишта или заобиколници.

Во спротивно, денес веројатно би зборувале за поразителни искуства. Доколку ЕУ не ги прифатеше и поддржеше малите прибалтички земји Естонија, Летонија и Литванија, извесно е дека би бил надвиснат ризик од можен развој во кој тие би останале руски држави-сателити, отколку да профункционираат како стабилни и напредни демократии какви што се денес. Естонија, по падот на комунизмот, е рангирана дури меѓу првите десет земји во светски рамки, според функционирањето на принципите на правната држава. Не е сосем незамисливо дека, на пример, и развојот во Романија, доколку останеше надвор од европските интеграции, можеше да го принуди Брисел да се соочи со еден сличен развој како во Украина. Геополитичка неизвесност неретко носи и низа ризици.

Преку дезинформации и пропаганда се прават напори за девалвирање на демократијата и толеранцијата во земјите од Западен Балкан, со напоредно поттикнување на националистичките спротивставености. Поддршката е неопходна за про-европската амбиција да не ја загуби силата пред зачестените манипулации и сомнителни политички маневри што внесуваат несигурност и поделби, и кои прикриено или отворено придонесуваат кон ширење на евро-скепсата.

Во тој контекст најмалку се пожелни токму сомнителни политички идеи и заложби. Патот кон ЕУ станува напорен и тешок доколку политичките лидери не преземаат јасна политичка одговорност за спроведување на реформите и промените кои се неодложни.

„Не постои друга алтернатива“, ќе слушнете често во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, кога се зборува за ЕУ. Но тоа звучи речиси како некој друг да одлучува каков пат да изберете. Прилагодувањето кон европските вредности, сфатени онака како што функционира Западна Европа, се прикажува како „неопходно“, нешто што би можело да внесе ред во функционирањето на општеството, наместо да се приграби како нешто „пожелно“, нешто што без сомнение е посакувано. Така, „трасираниот“ пат кон ЕУ, би станал полесен – и поразбирлив.

Поврзани содржини