ЕУ и премостување на разликите ‒ со вето
Спорните прашања предизвикале крајно тензични преговори меѓу Унгарија и Романија околу Трансилванија и унгарското малцинство, но ниту Франција, ниту, пак, некоја друга важна европска земја не барала тоа да влезе во нивната преговарачка рамка. Бил извршен притисок врз двете земји, да бидат оставени настрана, додека траеле нивните преговори за зачленување во ЕУ.
Францускиот претседател Емануел Макрон пред пет години го торпедираше проширувањето на ЕУ, ставајќи вето за отворање на преговорите за членство за Македонија и за Албанија, нагласувајќи притоа дека во јавноста недостасувала поддршка за прием на нови членки во ЕУ. Макрон исто така рече дека Французите тешко би можеле да го разберат тоа.
Тој ја наведе Албанија како пример, чии граѓани, илјадници на број, бараа азил во Франција. Невозможно е да им се објасни на граѓаните да ѝ дозволат влез на Албанија, рече тогаш Макрон, додавајќи дека тоа „не би било сериозно“.
Една од причините за таквиот став на Макрон беше и намерата да не ѝ даде можност на екстремната десница со нејзинот отпор против мигрантите да ги засили позициите и да ја вжешти реториката преку која би можела да придобие гласачи во пресрет на изборите во Франција.
Макрон сега зборува поинаку, иако во Франција бројот на баратели на азил од Албанија и понатаму е висок, во секој случај највисок меѓу земјите од Западен Балкан, а и пошироко во Европа. Значи, проблемот кој предизвикуваше дилема кај Макрон, како еден од најмоќните ЕУ-лидери, не исчезна. Но тоа не го спречи неодамна во Тирана да изјави дека ја гледа Албанија во ЕУ во 2027 година и воедно упати повик да се инвестира во земјата.
Албанија успеа да го „прескокне“ ветото и да ја забрза максимално својата евроинтеграција. Тоа не е случај и со Македонија, за која ветото и понатаму е сурова реалност, заглавена во сферите на наметнати национално идентитетски, историски и јазични прашања и еднострани соседски барања, без никаков реципроцитет, за уставни промени поврзани со статусот на малцинствата.
Денес во официјалните документи на ЕУ во речиси секој пасус се наведени високите идеали на заедничките европски вредности. Но истите тие идеали не биле присутни и истакнувани на истиот начин во дебатата што му претходеше на основањето на европската соработка. Напротив, тогаш до израз доаѓаше спротивното, односно идејата дека Европа е широка разновидност на различни вредности, јазици и традиции.
Хармонизирањето на културата и вредностите не им било сосема прифатливо, така што, всушност, би можело да се рече дека им било туѓо на основачите. Европската соработка требаше да создаде претпоставки и услови за функционирање во различноста, а понекогаш дури и да се биде еден во друг, без да мора да се изнудува целосна согласност.
Оваа линија на размислување е можеби најјасно изразена во Мастришкиот договор, со кој Заедницата стана Унија, која главно имаше две задачи: да го зачува мирот и да ги развие слободите. Преамбулата експлицитно наведува дека државите-членки се стремат да ја продлабочат солидарноста меѓу народите на Европа на начин што во исто време овозможува почитување на историјата, националната посебност, културата и традициите на различните земји. Разликите, со тоа, треба да се премостуваат, а не да се гасат и бришат според нечие наоѓање и сфаќање.
Вреди во тој контекст како потсетување да се укаже на пристапувањето на Унгарија и на Романија во членството на ЕУ. Во текот на преговорите значајно место добија спротивставените ставови и мислења околу статусот на романскиот регион Трансилванија во кој околу 20 отсто од населението се Унгарци. Тоа е еден од најмултиетничките и најконтроверзни региони во Европа, растргнуван во последните 200 години меѓу унгарската и романската нација. И двете земји ја сметаат Трансилванија за срце на нацијата, а како последица на тоа и националните историографии биле силно тенденциозни и политички мотивирани. Не случајно тогаш, се разбира, можеле да се слушнат разни предлози од европските лидери и дипломати за изнаоѓање решение за ова чувствително прашање.
Спорните прашања предизвикале крајно тензични преговори меѓу Унгарија и Романија околу Трансилванија и унгарското малцинство, но ниту Франција, ниту, пак, некоја друга важна европска земја не барала тоа да влезе во нивната преговарачка рамка. Токму напротив, бил извршен притисок врз Унгарија и Романија тие прашања, колку и да биле чувствителни за националните интереси на двете земји, да бидат оставени настрана, додека траеле нивните преговори за зачленување во ЕУ.
Но, што се однесува до „францускиот предлог“, во врска со бугарските барања за отворање на пристапните преговори за членство на Македонија, веројатно не било најсоодветно да се нарече „диктат“, но што е тој ако не е „прикрпен“ предлог (набрзина преправен за само една недела по првата верзија), како израз на историски типично политичко-дипломатско лицемерие од позиција на моќна европска сила?
Поинаков пристап и понеутрални гледишта фрлаат делумно нова светлина врз унгарско-романската комплексна историска проблематика. Транс-граничните историски истражувања покажаа такви резултати, кои пред неколку години беа промовирани на Меѓународниот книжевен саем во Гетеборг, под заеднички наслов „Унгарија и Романија вон националните наративи – споредби и испреплетеност.“ Истражувањето со кое раководел тим од Универзитетот во Стокхолм се фокусира врз врските што ги доближуваат и проткајуваат историите на двете земји, наместо да ги проучува двете национални историографии кои се поставени во директен меѓусебен конфликт. Станува збор, всушност, за обид да се оспорат и погледнат од поинаков агол темелните столбови на националните историографии, при што беше изразена надеж дека ваков вид истражувања би можеле да претставуваа извор на инспирација за слични пројекти, на пример на подрачјето на Балканот.
Во ЕУ, по Мастришкиот договор, дојде и до извисни модификации на формулациите во европските документи. Во Лисабонскиот договор, темелот врз кој се темели денешната ЕУ се формулираат три цели за Унијата: да се промовира мир, просперитет и европски вредности. Афирмирање на различноста на континентот е една работа, но треба да се работи за јакнење на „културното, религиозното и хуманистичкото наследство на Европа“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, често нагласува дека ЕУ денес е првенствено унија на вредности и демократија, така што Европа се издвојува во светот првенствено преку европските заеднички вредности.
Европската комисија во повеќе наврати потенцираше дека процесот на проширување и приемот на нови членки во ЕУ треба максимално да манифестира посветеност токму на заедничките европски вредности кога станува збор за решавање на билатералните спорови меѓу земјите кандидатки. Такви спорови се присутни во изобилие на Балканот, и доколку не бидат решавани може само да придонесат за нивно уште подлабоко заострување и вкоренување во историските предрасуди, ригидни ставови и стереотипи.
Но дали пристапот на Бугарија, која со политички притисоци и уцени настојува да изнуди „корекција“ на идентитските прашања и прифаќање на „заедничка историја“, и на таков начин да ја стави Македонија пред свршен чин, воопшто би можел да добие некакво оправдување во духот на европските вредности за решавање на меѓусоседски спорови.
На Албанија, доколку му се верува на Макрон, ѝ се „насмевнува“ членството во ЕУ во скора иднина. Тогаш веројатно ќе може да се види каква ќе биде посветеноста на лидерите во Тирана на европските вредности, на чие почитување сигурно се колнат во тековните преговори за членство.
Или, пак, и меѓу нив ќе надвладее силен порив и јадеж на прстите да го повлечат и високо да го кренат ветото за да наплатат некои стари сметки. И со цинично задоволство да им спуштат рампа на соседите на нивниот европски пат