ЕУ и (не)заштита на јазични малцинства
Во мнозинството европски земји министерставата за образование и најзаначните образовни институции реферираат кои јазици се застапени во образовниот систем, во основното и во средното образование, како и на повисоко ниво. Такви референцијални податоци изостануваат од некои земји, и не се видливи во извештајот на Еуридике, како, на пример, од Бугарија и од Грција.
Летонија воведе нови, строги ограничувања за употребата на малцинскиот руски јазик во образованието и јавните простори од 1 јануари 2026 година. Одлуката на државните институции ги забрани предавањата на руски јазик како втор странски јазик во училиштата, а едновремено стапи на сила и забрана за емитување телевизиски и радио програми на руски јазик на државните летонски медиуми.
Покрај тоа, зголемен е данокот на додадена вредност за продажба на книги на руски јазик, кој сега изнесува 21 процент, што јавноста го толкува како дополнителен притисок врз употребата на тој јазик во културната и издавачката сфера.
Целта на овие мерки, како што соопштија властите во Рига, е да се создаде „единствен информациски простор“, во кој целата содржина ќе биде достапна исклучиво на летонски или на еден од официјалните јазици на Европската Унија. Властите ги наведуваат причините за национална безбедност како клучно оправдување, нагласувајќи ја потребата од заштита на државниот и информативниот суверенитет.
Сепак, овие одлуки предизвикаа бројни контроверзии, бидејќи, според официјалните податоци, 34 проценти од населението на Летонија го користи рускиот како прв јазик во секојдневната комуникација, или како мајчин јазик или како доминантен јазик во јавниот и во приватниот живот.
Новата законска регулатива повторно ја интензивира дебатата околу прашањето за односот помеѓу политиката на државен идентитет и положбата на бројните малцински заедници во Летонија, како и границите помеѓу безбедносните аргументи и зачувувањето на јазичните и културните права. Освен во Летонија, и во другите две прибалтички земји, во Естонија и нешто помалку во Литванија, статусот на руското јазично малцинство е постојано отворено прашање.
Во текот на дебатата која се водеше во летонскиот парламент кон крајот на 2023 година, за усвојување на „Национален безбедносен концепт“, голем број меѓународни организации за заштита на медиумските слободи упатија низа критички забелешки и изразија загриженост поради предлогот да се воведе забрана за руски јазични содржини во летонскиот јавен радиодифузен сервис. Воведувањето на мерките, според летонската влада, е уште еден чекор во настојувањето да се избрише советското наследство.
„Одбраната на демократијата со забрана на рускиот јазик во јавните служби е екстремна и многу загрижувачка одлука“, беше нагласено од страна на „Репортери без граници“ во соседна Шведска. Протестот беше поткрепен со оценка дека јазиците сами по себе не се антидемократски, и дека со воведување ваков вид ограничувања, се задушуваат и слободата на печатот и демократијата.
Но, од друга страна, и на многу други места во ЕУ тешко би можеле да се изречат пофални зборови кога станува збор за заштитата на малцинските јазични права. Во рангирањата на демократските дострели, Шведска редовно се наоѓа во горниот дел од табелата, и тоа не само во ЕУ, туку и во светски рамки. Поминаа 25 години откако Шведска, по притисоците пред сѐ од страна на Брисел, призна пет национални малцинства: Евреи, Роми, Шведски Финци, Торнедалски Финци и Сами, кои исто така се и староседелци. Со признавањето беа декларирани и ветувања за заштита и унапредување на јазиците и културите на малцинствата и за борба против дискриминацијата.
Од 2000 година, сите шведски влади се критикувани за непочитување на своите ветувања. Критиките доаѓаат, меѓу другите, од Парламентот на Самите, Омбудсманот за дискриминација, како и од Советот на Европа.
Во 2019 година, шведскиот закон за малцинства беше заострен. Од сите општини и региони се бараше да имаат цели и упатства за политиката за малцинства. Шест години подоцна, истражувањата покажуваат дека над една третина од општините и регионите надвор од административните области сè уште не го почитувале законот.
На почетокот на 2025 година, државните грантови за малцинските организации во Шведска беа преполовени откако владата одлучи да не ја продолжи посебната иницијатива што беше воведена помеѓу 2022 и 2024 година. Година дена претходно целосно беа укинати редовните годишни дотации за дејноста на други малцински групи, пред сè имигрантските сојузни организации, меѓу кои е и Македонскиот сојуз во Шведска.
Според официјалните документи на ЕУ, освен официјалните, во Европа се зборуваат уште 60 регионални или малцински јазици. Но бројката на малцински јазици се разликува во голем обем меѓу разни земји и образовни системи, според податоците презентирани во извештајот на ЕУ-мрежата Еуридике, „The Teaching of Regional or Minority Languages in Schools in Europe“.
Разликите делумно зависат од политичките заложби и посветеноста на оваа важна проблематика во различни земји, кога станува збор за заштитата и унапредувањето на јазиците. Делумно зависат и од тоа како изгледа лингвистичкиот пејзаж во секоја земја. На пример, Луксембург има три национални јазици – француски, германски и луксембуршки – но не и регионални или малцински јазици.
Во Франција, Италија, Унгарија и Романија се споменуваат повеќе од десет јазици во официјалните документи, а во Полска и во Србија дури петнаесет. Во Шведска, Хрватска, Литванија, Македонија, Словачка и Шпанија има меѓу пет и десет регионални или јазици на малцинствата, според споменатиот извештај.
Во мнозинството европски земји министерставата за образование и најзаначните образовни институции реферираат кои јазици се застапени во образовниот систем, во основното и во средното образование, како и на повисоко ниво. Такви референцијални податоци изостануваат од некои земји, и не се видливи во извештајот на Еуридике, како, на пример, од Бугарија и од Грција.
Тука е и противречноста која во Брисел постојано се затскрива и поместува сѐ подолу на агендата. Еден од основните Критериуми од Копенхаген, врз чие исполнување се темели пристапниот процес за зачленување во ЕУ, е заштитата и почитувањето на правата на малцинствата. Сите земји членки поминела низ „лупата“ на копенхашките критериуми, па и Бугарија и Грција. Но бугарскиот устав не го „препознава“ постоењето ниту на македонско малцинство, ниту, пак, на македонскиот јазик како малцински јазик во Бугарија. Потпора за тоа Софија секако наоѓа и во праксата на ЕУ да им дозволува на земјите-членки сами да ги дефинираат своите малцинства. Со тоа веднаш станува јасно дали тоа практично ги зголемува ризиците за дискриминација, шиканирање и шовинизам. До потврда дека тоа е навистина така, воопшто не е тешко да се дојде.
Една од најважните декларирани задачи на ЕУ како мировен проект е да обезбеди претпоставки и услови за земјите членки да ги почитуваат и да ги штитат нивните малцинства, но факт е наместо тоа малцинствата се оставени сами да ги бранат своите права против соодветните централни власти во државата.
Реалноста, на почетокот на 2026 година, доволно јасно зборува дека јазичните малцински групи во ЕУ и понатаму се незаштитени.