ЕУ и мигрантите одат рака под рака

Ако го земеме примерот на Шведска, нешто повеќе од половина од возачите на автобуси и трамваи во земјата се родени во странство, а и една третина од медицинските сестри се имигранти. Статистиката покажува слична мигрантска „преплавеност“ и во низа други професии. Шведска едноставно не може да функционира без имиграција.

248

Германија, како што во неколку наврати најави канцеларот Мерц, ги заостри граничните контроли за да го намали бројот на баратели на азил кои доаѓаат во земјата. Од пред една недела германската гранична полиција беше засилена со дополнителни 3.000 полицајци со задача да ги запрат барателите на азил на границите. Влез треба да им се дозволи само на особено ранливите групи. Неколку соседни земји ја критикуваа Германија за заострените контроли. Сепак, според германската агенција за миграција, бројот на баратели на азил е само маргинално намален во текот на првата недела од воведувањето на новите мерки.

Повеќе влади во Европа, во добар дел под силен притисок на екстремната десница, се чини се натпреваруваат кој ќе успее да спроведе поостри и поефикасни мерки за драстично намалување на миграцијата. Британскиот премиер Стармер беше изложен на сериозни критики откако истапи во јавноста со изјава дека Велика Британија ризикува да се претвори во „остров на странци“. Стармер притоа ја претстави новата миграциска политика на земјата, која во однос на неговите лабуристи претставува свртување за 180 степени.






Не е случајно што британскиот премиер сега зазема цврст став. Прашањата поврзани со миграциите се на врвот на листата на приоритети на британските гласачи, а речиси 60 отсто од нив веруваат дека имиграцијата е премногу висока.

Критичарите, посебно неколкумина пратеници од Лабуристичката партија, ја нарекоа реториката на Стармер „срамна“ и „опасна“, поврзувајќи ги неговите зборови со екстремно десничарскиот вокабулар. Поради ваквите пораки, обмислени како оправдување на заострените антимигрантски мерки за да се спречи претворање во „остров на странци“, многумина во Лабуристичкото движење, како што се укажува, се чувствуваат изгубено. Исто како и социјалдемократите во Шведска и во некои други европски земји, британските лабуристи со децении се обидуваа да бидат партија на имигрантите и против структурниот расизам и заговарање ригидни националистички идеи.

Ова не се однесува само на самиот партиски лидер Стармер. Весникот „Дејли телеграф“ ги ископа и ги разоткри неговите претходни изјави, во кои тој долго време се профилираше како бранител на слободното движење и до пред само пет години се спротивставуваше на депортациите на криминалци со странско потекло. Сега сака да се профилира како тврдокорен и непопустлив во однос на миграциското прашање. Но, градењето на имиџот за кој се залага, не може да се оттргне од впечатокот дека настапува како политичар кој се прилагодува на јавното мислење.

Во Шведска, нарочно по изборите во 2022 година, социјалдемократите ја заострија реторика, но и политиката околу мигрантските прашања. Сепак, наглото свртување на лабуристите во Велика Британија одразува пошироко поставено прашање, со кое се борат и социјалдемократите во Шведска: колку е, всушност, веродостоен целосниот пресврт во миграциската политика, имајќи ги предвид фактите кои зборуваат за нешто друго и укажуваат на неопходност на мигрантските прашања да се гледа и од поинаква перспектива?

Доселувањето мигранти е најзначајниот фактор што влијае врз порастот на населението и економската динамика во ЕУ. Без прилив на нови мигранти, населението на Унијата значајно би се намалувало. Порастот на мигранти во ЕУ во целина во последните две децении бил петпати поголем од бројките што произлегуваат од разликата помеѓу родени и умрени.

Недостиг од работна сила во моментов владее во голем број сектори во речиси сите земји членки на ЕУ. Токму затоа Европската комисија неретко нагласува дека на ЕУ ѝ е силно потребна имиграција на работници, а за што е неопходно олеснување на законската регулатива, со напоредно засилување на заштитата на работниците од експлоатација и натамошно подобрување на мобилноста внатре во Унијата. Во спротивно, без прилив на работна сила, ќе запрат економските тркала на ЕУ.

Во ЕУ моментно се силно намалени можностите да се бара и добие азил или работна дозвола, но малку нешта укажуваат дека селењето на работна сила ќе се намалува во догледна иднина. Гледано низ подолгорочна перспектива, таквиот развој не е одржлив. Во исто време неизбежен факт е и тоа дека повеќе источноевропски земји со драстично намалено население се соочуваат со недостиг од образувана работна сила во продуктивна возраст. Како што се забележува во овој контекст, на германските и шведските градилишта сè почесто се зборува полски, а на полските пак украински. Мигрантскиот синџир така добива форма.

Упатените познавачи на состојбите укажуваат дека на ЕУ ѝ недостасува политика чија цел ќе биде да им се овозможи на луѓето да останат да живеат во своите земји, без да чувствуваат егзистенцијална принуда да се иселуваат. ЕУ всушност има значајна моќ и влијание врз економската политика на земјите членки, но таа политика е слепа за социјалните последици што се создаваат врз база на нерамномерниот регионален развој.

Преку 22 милиони луѓе од разни земји надвор од ЕУ се населени во Унијата, што одговара на околу 5 проценти од нејзиното вкупно население. На годишно ниво на подрачјето на Унијата се вселуваат околу 3 милиони мигранти преку легални патишта.

Ако го земеме примерот на Шведска, нешто повеќе од половина од возачите на автобуси и трамваи во земјата се родени во странство, а и една третина од медицинските сестри се имигранти. Статистиката покажува слична мигрантска „преплавеност“ и во низа други професии. Шведска едноставно не може да функционира без имиграција.

Неспорна вистина е дека имиграцијата историски значајно ја збогатила не само Шведска, туку и голем број други западноевропски земји. Истото важи и за имиграцијата денес, иако политичките заложби и општествената клима околу миграциите драстично се менуваат.

Токму затоа, прашањето за тоа колку е веродостојно драстичното заострување на антимигрантската политика во голем број земји во Европа, всушност не може да се одвои од предупредувањата дека иднанината на таквите заложби може да заврши во ќорсокак со контрапродуктивен бумеранг ефект. Или, пак, постојаното ставање бариери на мигрантските патишта, најпосле како сизифовски камен безнадежно и незапирливо ќе се стркала наназад.

Поврзани содржини