ЕУ и демографската ерозија
Демографската ерозија, всушност, се заканува со колапс, затоа што тие држави и цивилизации се изградени околу концептот на раст и не можат да функционираат ако населението се намалува. Тоа што се посакува, но што се чини е недостижно, е пораст на наталитетот кој би бил означен со „светиот“ број 2, 1. Толку деца мора да роди секоја жена за да го одржи населението на стабилно ниво (без имиграција).
Македонија до 2070 година би можела да се сведе на само 500.000 жители. Ризикот од развој на таков исклучително лош тренд произлегува од проекцијата изготвена од Државниот завод за статистика по последниот попис во земјата. Според таа проекција, во сите разгледувани варијанти, бројот на населението ќе се намалува, но прашање е колку и со кое темпо.
Премалку деца се раѓаат во светот. Трендот на пад на наталитетот е глобален, но во ЕУ и пошироко во богатиот Запад е речиси катастрофален. Насекаде се предупредува дека проблемот не може да се одложува и решава во иднина. Европејците, Северноамериканците и источните Азијци не се размножуваат според посакуваните проекции.
Демографската ерозија, всушност, се заканува со колапс, затоа што тие држави и цивилизации се изградени околу концептот на раст и не можат да функционираат ако населението се намалува. Тоа што се посакува, но што се чини е недостижно, е пораст на наталитетот кој би бил означен со „светиот“ број 2, 1. Толку деца мора да роди секоја жена за да го одржи населението на стабилно ниво (без имиграција).
Низа показатели укажуваа дека по завршувањето на корона пандемијата се очекуваше зголемување на ризиците економските разлики во рамки на ЕУ да се продлабочат низ нерамномерно заздравување и обнова. Ризиците посебно се однесуваат на натамошен демографски пад и иселување присутно пред сè во економски послабите делови на Унијата. А и развојот во непосредното соседство на ЕУ, во земјите од Западен Балкан, врз никаква основа не може да претставува исклучок од таквите негативни трендови.
Прашањето поврзано со развојот на населението се соочува со криза. Разликите се драстично забележливи во разни делови на Европа. По паѓањето на Берлинскиот ѕид Шведска имаше околу 8,5 милиони жители. Моментно има приближно 10,5 милиони. Како резултат на високата стапка на раѓање и голем прилив на мигранти, кој во последните години, пак, драстично се ограничува, Шведска има висок прираст на население во споредба со други европски земји.
Од другата страна на Балтичкото Море, Литванија го дочека падот на Железната завеса со 3,7 милиони жители, но поради масовното иселување и нискиот наталитет во изминатите три децении изгуби повеќе од една четвртина од своето население и во 2020 година имаше околу 2,7 милиони жители. Според прогнозите на Обединетите нации се очекува натамошен демографски пад, така што во 2050 година Литванија би можела да има речиси преполовено население од периодот на распаѓањето на Советскиот сојуз, односно околу 2,1 милиони жители.
Познат е и примерот со Бугарија, најсиромашна ЕУ-членка, која од крајот на комунистичкото владеење загуби над една четвртина од своето население и бројот на жители од речиси 9 милиони се намали на околу 6,8 милиони. ОН прогнозираат дека до 2050 година овој број ќе се намали на околу 5,2 милиони – дури побрзо и повеќе од каде било на друго место во светот.
За Шведска, пак, прогнозите предвидуваат пораст на населението на околу 11,4 милиони до средината на овој век. Но доколку Шведска би се затворила за имиграција, би го имала истиот развој како и Литванија и Бугарија, до 2050 година би изгубила повеќе од 50 отсто од населението и не би имала дури ни 5 милиони жители.
Во 2024 година се родиле 1,43 деца по жена во Шведска – најниска бројка измерена досега во земјата. Шведската влада вети мерки за стимулирање на репродукцијата, но, како што укажуваат познавачите, тоа нема да успее, бидејќи никогаш не функционирало. Ниту една земја што паднала под светиот број 2.1 не успеала да го смени трендот.
Унгарија, на пример, во последните години инвестираше околу 5 отсто од својот БДП во поддршка на семејствата со деца – двојно повеќе отколку во одбраната – но и покрај даночните олеснувања и субвенциите за парови кои стапуваат во брак млади и имаат многу деца (и не се разведуваат затоа што тогаш ќе бидат одговорни за поврат на средства), демографското ниво останува замрзнато на исто ниско ниво како во Шведска.
Во новите ЕУ-членки во Источна Европа растат стотици илјади деца со своите баби и дедовци, додека родителите заминале во западните земји за да можат да ги издржуваат своите семејства. Во поголем број од овие земји јавно се води националистичка политика на нетолеранција и нетрпеливост кон странци и мигранти, а напоредно се присутни кампањи за зголемување на наталитетот. Но тоа сепак не е доволно за да се реши проблемот. Сè додека платите се ниски и работните места несигурни, многумина се двоумат да раѓаат деца. Разни испитувања покажуваат дека голем дел од младата популација во повеќе европски земји размислува да емигрира. Пандемијата само делумно предизвика привремена пауза во масовните емигрантски движења кон Запад.
Критичарите укажуваат дека на ЕУ и недостасува политика чија цел ќе биде да им се овозможи на луѓето да останат да живеат во своите земји, без да чувствуваат егзистенцијална принуда да се иселуваат. ЕУ всушност има значајна моќ и влијание врз економската политика на земјите членки, но таа политика е слепа за социјалните последици што се создаваат врз база на нерамномерниот регионален развој.
Во ЕУ моментно се силно намалени можностите да се бара и добие азил, но малку нешта укажуваат дека селењето на работна сила ќе се намалува во догледна иднина. Гледано низ подолгорочна перспектива, таквиот развој не е одржлив. Факт е дека повеќе источноевропски земји со драстично намалено население се соочуваат со недостиг од образувана работна сила во продуктивна возраст. Како што се забележува во овој контекст, на германските и шведските градилишта сè почесто се зборува полски, а на полските пак украински. Мигрантскиот синџир така добива форма.
Депопулацијата на населението е повеќедецениски процес со долгорочни негативни ефекти. Лилипутанските перспективи заканувачки се надвиснуваат врз демографскиот развој во Македонија, кој, според експертите, може да се ублажи само со општо подобрување на состојбата во земјата, која ќе го демотивира иселувањето, вклучувајќи мерки како субвенции за млади парови, надоместоци и додатоци за новороденчиња и слично, но и добра економска состојба, квалитетно образование, квалитетно здравство, безбедност и правна сигурност.
Но демографската криза е, сепак, глобален феномен. Без оглед на тоа какви мерки се заговараат, практично никаде не функционираат ефикасни решенија кои успеваат да го свртат трендот на опаѓање на наталитетот.
Иселувањето од земја како Македонија, во која печалбарството има длабоки корени во наредната традиција, значајно придонесува за континуирано осипување на населението. Напоредно на тоа се менуваат други нешта што имаат значење кога зборуваме за темелите на традицијата. Раѓањето деца веќе не е нешто што може да се смета за норма. Многумина млади, од разни демотивирачки причини, едноставно ја отфрлаат таквата помисла.