ЕУ го прегрнува Балканот – и понатaму од дистанца

Во случајот со Македонија како кукавичино јајце и е поттурено внесување во Уставот на „обесправеното“ бугарско малцинство. Или тоа, или нема за што да ги почнувате преговорите со ЕУ, е пораката што се испраќа од Софија кон Скопје, а која Брисел очигледно спокојно ја наслушнува од дистнаца - и ја одобрува. Ни еден збор за потребата од реципроцитет во меѓудржавните и „добрососедски“ односи.

622

Колкав дел од маратонот до Брисел досега успеале да истрчаат кандидатките од Западен Балкан? Се чини дека веќе станува здодевно да се зборува за тоа. И тоа најмногу кога треба да се споменат Копенхашките критериуми. Заштита на правата на малцинствата се еден дел од критериумите за прием во ЕУ-членство.

Во случајот со Македонија како кукавичино јајце ѝ е поттурено внесување во Уставот на „обесправеното“ бугарско малцинство. Или тоа, или нема за што да ги почнувате преговорите со ЕУ, е пораката што се испраќа од Софија кон Скопје, а која Брисел очигледно спокојно ја наслушнува од дистнаца – и ја одобрува. Ни еден збор за потребата од реципроцитет во меѓудржавните и „добрососедски“ односи.






Бриселската бирократија едноставно не покажува знаци дека некаков посериозен начин ја интересира дискриминираната положба на македонското малцинство, и на другите малцинства во Бугарија. Токму напротив. Бугарите чувствуваат целосна слобода на други да им држат лекции на оваа тема. Како што рече Бојко Борисов, Албанија се покажа добар ученик и го призна бугарското малцинство. Затоа сега и се дозволи да ги почне преговорите за членство. Кога и Македонија ќе ја реши истата „писмена задача“ во својот Устав, ќе се види до каде е стигната работата со споментите критериуми од Копенхаген.

А токму околу таа проблематка во некои ЕУ-членки се изразуваат најголеми резерви и воздржаност околу натамошното проширување и прием на нови членки. Деновиве беше презентирана шведско-финска инцијатива за драстично заострување на условите за исплата на средства од ЕУ-фондовите, а што треба биде врзано со владеењето на правото како основа врз која се потпира соработката во Унијата.

Никакви пари не би требало да се исплаќаат од европските фондови на земји кои не ги исполнуваат елементарните барања за функционирање на правната држава, демократиските принципи и основните човекови права, смета шведската министерка за европски прашања, Јесика Розенкранц, која заедно со својот фински колега Јоаким Странд ја достави инцијативата до Европската комисија. И двете скандинавски земји својата иницијатива ја темелат, меѓу другото, и врз ветувањето на Урсула фон дер Лајен, која во својот говор, откако го доби вториот мандат на чело на Европската комисија, во јули годинава вети силни заложби за јакнење на принципот на владеење на правото во ЕУ.

За ЕУ функционирањето на правната држава и демократијата не се прашања на желба и вкус. Тоа се всушност егзистенцијални прашања, кои се доведуваат во директна врска со опстанокот на ЕУ. Појдовна основа е фактот дека не станува збор за каква било соработка, бидејќи Европската унија е интеграциски проејкт, во чии рамки државите даваат делови од својот суверенитет и го пренесуваат на централно ниво. Токму поради тоа прашањето околу правната држава станува егзисетнцијално. Неопходна е доверба доколку демократски држави треба да делат власта со други, како и разбирање и согласност на каков начин тоа практично да функционира.

Во последните години оваа проблематика постојано се изострува и добива една поширока димензија, при што не е присутна дилемата дали Унијата ќе се бори за јакнење на правната држава во оние земји-членки каде што таа е нападната, туку какви методи да се применат за таа цел.

Претходните искуства во добар дел ги потврдуваат сознанијата дека Брисел располага со ефикасни алатки за да се погрижи земјите аспиранти за членство да ги подобрат состојбите во својот двор во текот во предпристапните преговори. Но кога една земја, по приемот во полноправно членство, ќе тргне во поинаква насока, развивајќи авторитарни тенденции и ограничувајќи ги придобивките на демократијата и на владеењето на правото, камшикот на ЕУ е помалку делотворен и ефикасен. На „Камшикарот“ тогаш, се чини, како да не му останува ништо друго, освен седи настрана со врзани раце и да се исполнува со фрустрации како пасивен набљудувач.

Претседателката на Европската комисија, Урсула ван дер Лејен, уште во претходниот мандат предложи формирање на правно одделение во Брисел со задача секоја година да прави анализи и вреднувања во колкава мера ЕУ-членките ги исполнуваат принципите на правната држава. Но само врз база на следење на објективните критериуми, за да се покаже дека не станува збор ниту за арбитрарна, ниту, пак, за политизирана критика.

Новата иницијатива на Шведска и на Финска е токму на таа линија, со цел Европската комисија да воведе механизам при усвојувањето на наредниот долгорочен буџет со кој ќе се овозможи блокирање на исплатите од фондовите на ЕУ на земјите-членки кај кои ќе бидат констатирани сериозни пропусти и кршења на основните принципи.

Сите земји-членки доброволно го потпишале ЕУ Договорот, односно Уставот на ЕУ, изразувајќи поддршка на основните права кои произлегуваат од европската соработка, но „ние гледаме зголемена потреба да им се посвети поголемо значење на тие прашања, како во старите земји-членки, така и во новите“, се потенцира во шведско-финската иницијатива, која веќе доби поддршка од неколку земји членки, а се очекува истото наскоро да го нправат и други членки.

Но, каква порака се испраќа кон балканските аспиранти, кои веќе со децении чекаат кон нив да се рашири и доближи прегратката на Брисел. Треба ли ЕУ-членките најпрвин да се погрижат „да воспостават ред во својата куќа“ за потоа, како што вели шведската министерка Лагеркранц, „да преговараат и да поставуваат барања пред земјите кандидатки, Албанија, Македонија, Србија, Црна Гора, и други кои кои би сакале да станат ЕУ-членки“.

За да стане суредено парче од европскиот континет, кое ќе може успешно да се интегрира во ЕУ интеграциите, Македонија има очајна потреба да се избори и да овозможи да профункционираат принципите на правната држава и владеење на правото на сите нивоа во државата. Внесувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав ни од далеку не може да се смета за прашање од пресудно значење во таа насока. Како би можело воопшто да се поверува дека Брисел има некаков проблем да го разбере тоа?

Поврзани содржини