ЕУ ГО ГУБИ КРЕДИБИЛИТЕТОТ ВО РЕГИОНОТ Германија итно бара датум за Македонија
Нашите пријатели од Западен Балкан предолго чекаа. Мора да ги забрзаме преговорите, бидејќи ако ЕУ не е видлива, активна и доволно гласна, авторитарните режими, како Русија, Кина или Турција, ќе го пополнат вакуумот, а тоа апсолутно не е во германски или европски интерес, изјави германскиот министер за европски прашања Михаел Рот.
Германскиот министер за европски прашања Михаел Рот изјави дека ЕУ мора да ги забрза пристапните преговори со земјите од Западен Балкан, бидејќи во спротивно други земји, како Русија и Кина, ќе го искористат овој момент и ќе го пополнат вакуумот, пренесува „Албаниан дејли њуз“.
Тој денеска потенцираше дека е дојдено време Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ.
– Нашите пријатели од Западен Балкан предолго чекаа. Мора да ги забрзаме преговорите, бидејќи ако ЕУ не е видлива, активна и доволно гласна, авторитарните режими, како Русија, Кина или Турција, ќе го пополнат вакуумот, а тоа апсолутно не е во германски или европски интерес – изјави Рот.
Осврнувајќи се на ситуацијата во Украина, Рот рече дека војната во Украина е голема трагедија и дека ЕУ мора да преземе поголема одговорност за да се постигне мир и стабилност во целиот регион.
– Ова не значи само во Источна Европа туку и во Западен Балкан. Ова е обврска за нас. И ако ја повикаме Украина, тоа не значи дека веќе не сме заинтересирани за продолжување на односите со Албанија и другите земји од Западен Балкан. Време е да започнеме преговори со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро, потенцираше германскиот министер. Не сум многу среќен со последниот развој на настаните, бидејќи ЕУ го изгуби кредибилитетот во регионот – потенцираше тој.