ЕУ фаќа крупен чекор во борбата против лажните вести

Европската служба за надворешни работи пред неколку години создаде посебна единица за борба против дезинформациите пред сѐ за да се спречи руското влијание.

208

Европската Комисија денеска ја презентираше својата стратегија за борба против дезинформациите во контекст на кризата со Ковид-19, а Западен Балкан треба да биде поинтензивно вклучен во иднина, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Да се обезбедат точни информации и проверка на факти во соработка со дигиталните компании, истовремено сочувувајќи ги демократијата и слободата на изразување“, ова е главната порака која произлегува од стратегијата на Европската Комисија за борба против дезинформациите во време на коронавирусот, најавена денеска од страна на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел и еврокомесарката за вредности Вера Јурова.






– Комисијата предлага серија акции во соработка со новинарите, социјалните мрежи, дигитални платформи, властите, итн. за да се подигне свеста на граѓаните во однос на здравствените дезинформации, кои неретко се поддржани или промовирани од странски државни актери како Русија и Кина – изјавија денеска Борел и Јурова.

Во овој контекст Запаен Балкан зазема важна улога за Европската Унија, бидејќи регионот е „борбено поле“ на кое овие странски сили шират дезинформации со цел да се ослабне поддршката за Европската Унија, објаснуваат од Европската Комисија.

Затоа Европската Комисија сака „повеќе да се инволвира“ во борбата против лажните вести во регионот.

– Дезинформациите можат да бидат опасни како во ЕУ така и на Западниот Балкан и ние предлагаме фокус на земјите од Западен Балкан, и веруваме дека тие треба да ни се придружат во дигиталниот систем – рече Јурова.

Конкретно, меѓу другото, ЕК планира да излезе со пакети помош за партнерите од регионот и поширокото соседство за да „промовира веродостојни информации и да се бори против дезинформации“, стои во стратегијата на Европската Комисија. Ова би подразбирало соработка со новинарите и медиумските куќи преку делегацијата на ЕУ и амбасадите на земјите членки на Унијата.

Европската служба за надворешни работи пред неколку години создаде посебна единица за борба против дезинформациите пред сѐ за да се спречи руското влијание.

Но извесно стана дека тимот на ЕУ за стратешка комуникација на Западен Балкан, кој е составен од малку луѓе, не е доволен за справување со предизвикот од лажни вести и силното влијание од Русија и Кина во регионот. Па така, со оваа засилена стратегија, Европската Комисија се надева дека ќе може поинтензивно да им помогне на западнобалканските земји, како и на другите партнерски земји од соседството и пошироко.

Според дипломатите со кој разговараше МИА, се разгледуваат можности како поддршка за независни тимови за проверка на факти, но и обука за новинари, обезбедување материјална и финансиска помош за постигнување на овие цели, како и образовни и информативни кампањи за подигнување на свеста на граѓаните.

Состојбата во регионот, меѓутоа, е посложена отколку во земјите членки, не само поради присуството на странски актери, велат во ЕУ, туку и поради тоа што земјите од Западен Балкан се политички „поранливи“, партизираноста е силна, а граѓаните во овие земји се „лесен плен“ на пропаганда, нешто што кризата со коронавирусот дополнително го истакна, велат дипломатите во Брисел.

Во наредните денови се очекува Европската Комисија да излезе и со попрецизни бројки за финансирање на оваа стратегија во регионот.

Поврзани содржини