ЕУ Е ВЕЌЕ УМОРНА ОД ИГРИТЕ НА ОРБАН Тој ќе биде виновен за црното сценарио, предупреди Туск
Полскиот премиер Доналд Туск истакна дека украинското прашање е од егзистенцијално значење, не само за Полска туку за сите во ЕУ, и оти ставот на Орбан претставува закана за безбедноста, што е „неприфатливо“.
Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека нема план Б за помош на Украина и оцени дека Украина ќе загуби доколку позицијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан биде доминантна во Европа.
– Орбан мора да биде свесен дека ќе биде одговорен за црното сценарио поради неговата игра – изјави Туск пред новинарите по пристигнувањето на самитот на Европскиот совет.
Тој додаде дека Орбан треба да одлучи „дали Унгарија е дел од нашата заедница или не“ и нагласи дека за време на самитот сака да ги убеди своите партнери од ЕУ и Орбан дека сѐ уште е можно „ефикасно да се заштити Украина“.
Тој оцени и дека ЕУ мора да биде поголем оптимист кога е во прашање моќта на нејзините аргументи.
Според Туск, има замор со Орбан во Унијата и порача дека е неопходно да се зајакне единството околу Украина.
– Не можам да ја разберам и прифатам оваа многу чудна и егоистична игра на Орбан – рече Туск и додаде дека можат да му понудат на Орбан да се однесуваат фер кон него, но оцени дека тој не се однесува фер кон другите.
Туск истакна дека украинското прашање е од егзистенцијално значење, не само за Полска, „туку и за сите нас“, и оти ставот на Орбан претставува закана за безбедноста, што е „неприфатливо“.
– Затоа мораме да размислуваме за сите можни мерки и сите можни последици во иднина, но можеби не денес – рече Туск.