ЕУ ЌЕ ИНВЕСТИРА 3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО 2026 ГОДИНА ЗА РУДАРСТВО Во фокусот се проекти и од Западен Балкан 

ЕУ работи на наменски инвестициски рамки за синџири за критични минерални суровини со Украина, Западен Балкан и т.н. „Јужно соседство“. Комисијата понатаму ќе продолжи со инвестициски вин-вин проекти од кои сите добиваат, во рамките на стратегијата за соработка со економиите во развој.

0

Европската комисија го усвои Акцискиот план „RESourceEU“ за да ги забрза и засили своите напори за снабдување на ЕУ со критични минерални суровини, како што се ретките земни елементи, бакарот, кобалтот, литиумот и други.

Иницијативата предвидува начини на финансирање, како и конкретни алатки за заштита на индустријата од геополитички и ценовни шокови, промовирајќи проекти за ископ и рециклажа на критични минерали на тлото на Европа, но и пошироко преку соработка со трети земји. Планот на Брисел има за цел да го забрза процесот на имплементација на значајните проекти за обезбедување на рудите и да ги намали стратешките зависности за пристап до минералите.






– Комисијата ќе ги забрза проектите значајни за ЕУ, со тоа што ќе изнајде алатки за намалување на финансискиот ризик и со тоа што ќе ги отстранува регулаторните „тесни грла“, па така ќе се забрзаат дозволите за стратешките проекти, со потенцијал за намалување на зависноста од увоз до 50% до 2029 година. ЕУ ќе мобилизира до 3 милијарди евра во текот на следните 12 месеци за поддршка на конкретни проекти кои обезбедуваат алтернативни приноси на краток рок. Комисијата, Европската инвестициска банка и земјите-членки веќе отклучуваат финансиска поддршка за приоритетните проекти, како што се проектот „Вулкан“ за екстракција на литиум во Германија, како и проектот „Малмбјерг“ на „Гренланд Рисорсис“ за ископ на минералот молибден – истакнаа од Европската комисија.

Дополнително, Унијата најавува дека ќе ја продлабочи соработката со истомислечки земји-партнери, во однос на диверзификацијата на снабдувањето со руди и забрзувањето на индустриската соработка, потпишувајќи договори за стратешки партнерства со земји богати со ресурси.

– ЕУ, исто така, работи на наменски инвестициски рамки за синџири за критични минерални суровини со Украина, Западен Балкан и т.н. „Јужно соседство“. Комисијата понатаму ќе продолжи со инвестициски вин-вин проекти од кои сите добиваат, во рамките на стратегијата за соработка со економиите во развој – додаваат од Комисијата.

За да се заштити индустријата од геополитичка и ценовна нестабилност, а воедно и да се зголеми свеста за можни недостатоци, Унијата на почетокот на 2026 ќе основа Центар за минерални суровини и ќе ги олесни напорите на компаниите за заедничко купување стратешки суровини и преку договори за откуп. Освен за проекти за ископ, Брисел размислува и за забрана за извоз на отпад кој содржи алуминиум или бакар.

– За да се зголеми капацитетот за рециклирање на Европа, Комисијата ќе воведе, на почетокот на 2026 година, ограничувања за извоз на отпад од трајни магнети врз основа на темелна проценка, како и целни мерки за отпад од алуминиум. Слични мерки ќе се разгледаат и за отпад од бакар – се истакнува во Акцискиот план.

За да се заштити Единствениот пазар на ЕУ и да се зајакне отпорноста на синџирот на снабдување, Акцискиот план предвидува и следење, кризна координација и одбрана од непријателско мешање.

– Денес, Европа дејствува врз основа на планот за своја независност во однос на критичните суровини. Со Акцискиот план RESourceEU, се опремуваме со алатките што ни се потребни за да го забрзаме сопственото производство и да ја диверзифицираме нашата понуда на критични суровини. Односно, од ново финансирање до олеснети регулаторни процедури, па сè до зајакнати и нови меѓународни партнерства. Во оваа глобална трка за материјалите што им се најпотребни на нашите индустрии, RESourceEU е двигател на нашиот индустриски суверенитет. Камен-темелник на економската безбедност на Европа – вели Стефан Сежурне, комесарот за Унијата за индустриски стратегии.

Претходно, преку проект на Унијата, повеќе институции опсервираа какви минерални суровини поседува секоја од земјите во Европа. Повикувајќи се на податоци од постари геолошки истражувања направени во земјата, во делот за Македонија беа истакнати бакарот, антимонот и никелот.

Сепак, засега македонските власти сѐ уште немаат утврдено стратешки проекти и критични минерали, а тоа се очекува да се случи откако би се усвоил новиот Закон за рударство. Тој беше образложен со аргументацијата за усогласување со европските регулативи посветени на рударството и геологијата, па останува неизвесно дали Македонија ќе се приклучи кон колачот од три милијарди евра наменети за поддршка на проекти за минерални суровини само за една календарска година од страна на Европската Унија.

Поврзани содржини