ЕУ даде 5 милиони евра за прекугранични проекти во С Македонија и Албанија
Повикот за апликација на проекти е објавен на 11 ноември, а ќе биде отворен до 15 февруари 2021 година.
Околу пет милиони евра се обезбедени за 3. Повик за предлог-проекти за прекугранична соработка (ЦБЦ) помеѓу Северна Македонија и Албанија во рамки на ИПА-2. Ова беше истакнато на денешната онлајн прес конференција на амбасадорите на Европската унија во Скопје и во Тирана Дејвид Гир и Луиџи Сорека кои официјално го започнаа 3, Повик за предлог – проекти за прекугранична соработка помеѓу двете земји која се смета за клучен елемент на политиката на ЕУ кон нејзините соседи.
Амбасадорот Гир истакна дека ќе се поддржат проекти од областа на туризмот притоа промовирајќи го природното и културното наследство, за поддршка на локалните бизниси и конкурентноста, како и проекти за заштитата на животната средина, ублажување на последиците од климатските промени и превенција и управување со кризи. .
Повикот за апликација на проекти е објавен на 11 ноември, а ќе биде отворен до 15 февруари 2021 година. Обезбедени се вкупно 4.930.000 евра. Одобрените проекти кои ќе се реализираат на територијата на нашата држава ќе ги кофинансира Министерството за локална самоуправа во висина од 15 проценти од признанените трошоци
Право да аплицираат во рамките на овој трет повик за предлог-проекти имаат: Полошкиот, Пелагонискиот и Југо-западниот регион од македонската страна и Корча, Дибер и Елбасан на албанската страна. По проект предвидени се најмногу 800.000 евра.
Северна Македонија има воспоставена прекугранична соработка со сите пет нејзини соседни земји.