ЕУ ДА ПОСТАВИ ЈАСНА ВИЗИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА Николоски оценува дека земјава одамна заслужи да биде во Унијата

Вицепремиерот нагласува дека на Самитот одредени европски челници и дипломати „доста храбро“ признаа дека процесот на проширување е пред сè политички, а дури после тоа доаѓа исполнувањето на реформите, критериумите или заслугите.

0

Македонија одамна има и заслужено да ги почне преговорите за членство во ЕУ, па затоа Унијата треба да изврши притисок врз оние што го блокираат процесот на проширување, со цел тој да продолжи, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА во Брисел, каде учествуваше на „Самитот ЕУ-Западен Балкан“ во организација на тинк тенкот Пријатели на Европа.

Николоски нагласи дека на Самитот одредени европски челници и дипломати „доста храбро“ признаа дека процесот на проширување е пред сè политички, а дури после тоа доаѓа исполнувањето на реформите, критериумите или заслугите.






– И ако веќе знаеме дека процесот е политички, тогаш се потребни политички одлуки, и тогаш е потребно најголемите земји членки од ЕУ да постават јасна визија за регионот, јасна визија и за Македонија -вели Николоски.

Во однос на уставните измени Николоски вели дека клучно прашање е дали нивното усвојување е последниот услов или пак за неколку години повторно ќе ни стави вето.

– Мора да има извесност во процесот и мора да знаеме кога ќе почнеме да преговараме и кога ќе ги завршиме преговорите, нормално доколку ги реализираме реформите коишто ги бара ЕУ – вели Николоски.

Тој го повтори ставот на Владата во врска со одложеното дејство на уставните измени.

-Клучното прашање е дали е тоа само уште еден услов и дали е тоа последниот услов или тоа не е така. Знаете дека ние рековме дека уставни измени под бугарски диктат нема да правиме. Знаете дека имаше и има идеи како да се надмине целата работа. Ние уште додека бевме во опозиција зборувавме за уставни измени со одложено дејство, коишто би влегле во сила кога Македонија ќе ги заврши преговорите, со цел да не е блокирана во текот на преговорите- вели Николоски.

Зборуваме, додаде тој,  и за тоа Бугарија да заврши дел од своите обврски, за да има балансираност во процесот.

-Постојат 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, коишто мора да бидат применети од сите земји членки. Бугарија нема спроведено ниту една, а се однесуваат на Македонците во Бугарија, на нивните основни човекови права, на здружување, на политичка активност и на своја самоидентификација. Така што, процесот мора да е двонасочен, и процесот мора да дава гаранција дека нема да седиме тука за неколку години повторно и да речеме, еве Македонија повторно е блокирана. Некој повторно стави вето заради внатрешно политички причини или заради причини коишто се поврзани со избори повторно ја блокираше Македонија. Мора да има извесност во процесот и мора да знаеме кога ќе почнеме да преговараме и ќе ги завршиме преговорите, нормално доколку ги реализираме реформите коишто ги бара ЕУ- рече Николоски.

Поврзани содржини