ЕУ ја затегнува мрежата околу корумпираните

Според анкетата на Евробарометар од 2025 година, 69 отсто од граѓаните во ЕУ веруваат дека корупцијата е широко распространета во нивната земја, додека две третини сметаат дека случаите на корупција на високо ниво не се доволно истражени. Според студијата на истражувачката служба на Европскиот парламент, вкупните трошоци од ризиците од корупција само во јавните набавки во земјите од ЕУ се проценети на речиси 30 милијарди евра помеѓу 2016 и 2021 година.

0

Доколку членството во ЕУ би претставувало создавање сериозни претпоставки за јакнење на борбата за сузбивање на корупцијата, тогаш би било интересно да се постави прашањето зошто во Грција, која е членка на ЕУ веќе 4 и пол децении, од 1981 година, дури 97 отсто од граѓаните сметаат дека корупцијата е широко распространета во нивната земја.

Многумина веруваат дека ЕУ претставува „лек“ за поуспешна и ефикасна борба против корупцијата и криминалот, идеализирајќи го прашањето на ниво на моќна политичка сила која ќе притисне за да се најде решение за проблемот на раширеното и длабоко вкоренето коруптивно однесување кое го труе и гуши општествениот развој.






Но, реалноста во ЕУ покажува знаци на сериозен дисбаланс. Иако дел од ЕУ-членките, посебно скандинавските земји, кои со години наназад се на врвот на ранг-листите на индексот на корупција, не е мал бројот и на земји-членки во кои корупцијата претставува сериозен проблем, како, на пример во Унгарија, Романија, Грција и во Бугарија.

Според ранг-листата на „Транспаренси интернешанал“, Унгарија, Бугарија и Романија и по две децении членство во ЕУ се речиси редовно на дното на рангирањето на европските земји, подолу пласирани и од некои кандидадатки за членство, какви што се Грузија и Црна Гора. Македонија и Србија, патем речено, се исто така пласирани при дното на табелата, веднаш под најлошо рангираната ЕУ-членка, Унгарија.

Бугарија влезе во нов бран демонстрации, при што граѓаните, палејќи контејнери, протестираат барајќи одговорност за полициската сила и системската корупција. Половина од испитаниците во Бугарија ја споменуваат полицијата како главни сторители на давање и земање мито и злоупотреба на моќ за лична корист.

Деновиве, по повеќе од 2 години преговори, Европскиот парламент и преговарачите на земјите-членки постигнаа прелиминарен договор за нови заеднички правила против корупцијата. Новата директива воспоставува заеднички дефиниции на ЕУ за низа корупциски кривични дела, вклучувајќи поткуп, проневера и попречување на правдата. Со поставување заеднички стандарди, директивата има за цел да се справи со ситуациите каде што криминалците ги искористуваат разликите меѓу националните системи.

Земјите-членки сега мора да обезбедат услови за голем број дела да бидат криминализирани и дефинирани на ист начин низ целата Унија. Тие вклучуваат поткуп и во јавниот и во приватниот сектор, проневера, тргување со влијание, попречување на правдата, збогатување од корупциски зделки, прикривање и одредени сериозни кривични дела поврзани со незаконско вршење на јавна функција.

Директивата утврдува заедничко минимално ниво на максимални затворски казни низ целата ЕУ, дозволувајќи ѝ на секоја земја да донесе закон за построги казни. Максималната затворска казна мора да биде најмалку 3 години за одредени корупциски кривични дела и најмалку 5 години за посериозните кривични дела.

Лицата осудени за корупциски кривични дела може да се соочат и со дополнителни санкции како што се парични казни, отстранување од јавна функција, дисквалификација од вршење јавна функција или вршење јавни услуги, одземање на овластувања и исклучување од пристап до тендерски постапки и јавни средства.

Правните лица – односно компаниите и организациите – исто така ќе бидат предмет на казни. Казните може да се движат од 3 до 5 проценти од вкупниот глобален промет на компанијата, или најмалку 24 или 40 милиони евра, во зависност од кривичното дело.

За да се намалат корупциските кривични дела и да се ограничи ризикот од корупција, земјите-членки мора да преземат мерки за подигање на јавната свест за штетните ефекти од корупцијата и да обезбедат транспарентност и отчетност на јавната администрација. Прелиминарниот договор сега мора формално да биде одобрен и од Парламентот и од Советот на министри, пред да стапи на сила.

Според анкетата на Евробарометар од 2025 година, 69 отсто од граѓаните во ЕУ веруваат дека корупцијата е широко распространета во нивната земја, додека две третини сметаат дека случаите на корупција на високо ниво не се доволно истражени. Според студијата на истражувачката служба на Европскиот парламент, вкупните трошоци од ризиците од корупција само во јавните набавки во земјите од ЕУ се проценети на речиси 30 милијарди евра помеѓу 2016 и 2021 година.

Грција се издвојува со 97 проценти од испитаниците кои сметаат дека корупцијата е широко распространета, по што следуваат Хрватска со 92 и Португалија со 91 процент. Од друга страна, Финска и Данска, со 21 и 28 проценти, пријавуваат најнизок процент на испитаници кои ја перцепираат корупцијата како широко распространета.

Без правна држава и без силни институции што овозможуваат законодавството да се спроведува на предвидлив и непристрасен начин, нема ни суштинска демократија. Кога политичкото водство во една земја се обидува да ја концентрира власта во свои раце, тогаш како прва жртва паѓа правосудството, кое се потчинува на политичките одлуки. Првиот чекор во „прирачниците“ за владеење со авторитарни тенденции е да се доведат судиите во состојба да бидат подготвени да дејствуваат според волјата на политичките лидери.

Токму затоа и јасно се гледа зошто некои земји, меѓу кои секако и Македонија, тешко напредуваат на ранг-листите на „Транспаренси интернешнал“. Граѓаните гледаат и резигнирано констатираат дека е сосема можно да се извлечеш од коруптивни кривични дела без казна, доколку „независните“ судии не можат, или не сакаат, да се дистанцираат од намигнувањето на политичарите.

Како што обично се констатира, свеста за тоа што претставува корупцијата и дали може да се толерира, не може едноставно да се зајакне со унапредување на законската регулатива. Чувството за тоа што е правилно или погрешно секогаш доаѓа одвантре – од граѓанската свест и совест.

На многумина во Македонија веројатно ќе им прозвучи смешно доколку се рече дека основните препораки при едуцирањето за сите сегашни и идни лидери и функционери во Данска се дека при одлучувањето, јавните службеници не смеат, на пример, да го земаат предвид полот, социјалното потекло, етничката припадност или фактот дека некој им дал пари. „Кај нас тоа не важи“, би бил коментарот што често може да се слушне кога македонски граѓани резигнирано констатираат „до каде сме потонале“, гледајќи го дното како превртено лице што се исчитува на површината на општеството.

Таквите поразителни сфаќања тешко се менуваат. Сè додека е така, и извештаите на „Транспаренси интернешнал“ нема да се доживуваат како некакво посебно шокантно четиво. Партиските фаворизирања и непотистичките и пријателски шеми во јавниот сектор и во бизнисот, ќе продолжат да исфрлаат нови кадри кои, според принципот „сега му е мајката“, ќе ја чекаат – својата шанса.

И, притоа, бегајќи и извлекувајќи се на сите можни начини за да не бидат фатени со пипците во мрежата која ЕУ се обидува да ја затегне.

Поврзани содржини