ЕУ ЈА ОТВОРИ КАСАТА ЗА КИЕВ Украина ќе добие заем од 90 милијарди евра

Средствата ќе бидат насочени кон одбрана и макроекономска стабилност, а Киев ќе почне да ги добива парите во второто тримесечје од годинава.

137

Советот на Европската унија денеска усвои уште една клучна одлука за обезбедување заем од 90 милијарди евра за Украина, со што се отвора патот Киев да почне да ги добива средствата во второто тримесечје од годинава.

Како што соопшти Советот на ЕУ, одлуката се однесува на правната рамка за заемот за оваа и следната година, со цел да се постигне брз договор со Европскиот парламент. За позицијата на Советот гласаа 24 земји-членки.






Претходно, на крајот на јануари, Европскиот парламент гласаше за забрзување на преговорите меѓу европските институции за обезбедување на заемот. Уште во декември минатата година, Европскиот совет одлучи средствата да бидат повлечени од меѓународните финансиски пазари и заемот да го обезбедат само земјите од ЕУ кои ќе се вклучат доброволно.

Според најавите, 30 милијарди евра ќе бидат наменети за макроекономска поддршка, додека 60 милијарди евра ќе се користат за одбранбени потреби. Средствата ќе се трошат согласно финансиска стратегија подготвена од украинските власти, а ќе бидат одобрени од европските министри и Европската комисија.

Се очекува Украина најголемиот дел од воената опрема да ја набавува од компании со седиште во Европската унија, како и од Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн. Трошоците за камата на заемот ќе бидат покриени од буџетот на ЕУ.

Од Советот на ЕУ појаснуваат дека оваа одлука нема да влијае врз придонесите на Чешка, Унгарија и Словачка во европскиот буџет, бидејќи овие земји не учествуваат во обезбедувањето на заемот.

Во наредниот период, Советот на ЕУ ќе побара согласност од Европскиот парламент преку писмена процедура за измена на постојните правила за европскиот буџет. Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд, вкупните потреби за финансирање на Украина до крајот на следната година изнесуваат 135,7 милијарди евра, доколку војната заврши во текот на оваа година.

Од почетокот на војната, Европската унија има обезбедено повеќе од 193 милијарди евра помош за Украина, покажуваат официјалните податоци.

Поврзани содржини