Етеми и Дудулоски го презедоа „Скопски пазар“, поседуваат 77,44 отсто од акциите

Успешното преземање го потврди со решение и Комисијата за хартии од вредност на 29 март.

988

„Современ дом“ од Прилеп и „ЗСФ ком“ од Скопје станаа сопственици на „Скопски пазар“ откако успешно презедоа 29,92 отсто од акциите со право на глас. Успешното преземање го потврди со решение и Комисијата за хартии од вредност на 29 март. Сега тече рокот од 15 дена за жалби по решението, по што ќе се официјализира и преземањето.

Како што е објавено на Македонска берза, двете компании сега поседуваат 77, 44 отсто од акциите во „Скопски пазар“, односно вкупно 54.934 обични акции од 70.037 обични акции со право на глас издадени од „Скопски пазар“.






„Современ дом“ на Ацо Дудулоски  и „ЗСФ ком“ на Фатмир Етеми по завршување на процесот ќе поседуваат по 27.467 обични акции или по 38,72 отсто од вкупниот број на обични акции издадени од Скопски пазар.

Според решението на Комисијата на хартии од вредност понудата за преземање ја прифатиле 9 сопственици на обични акции со право на глас во Скопски пазар кои поседувале 21.224 обични акции.

Во понудата за преземање беше понудена и цена од 6.500 денари по акција.

Двете компании и досега беа најголеми акционери во „Скопски пазар“ откако лани дотогашните сопственици на компанијата семејството Давитковски продадоа 22 отсто од акциите кои ги поседуваа во „Скопски пазар“.

До преземањето на акциите поголем сопственик во „Скопски пазар“ беше и компанијата „Лико-Проект“ која го прифати преземањето и ги продаде акциите.

„Скопски пазар“ управува со 13 зелени пазари во Скопје и со еден сточен пазар со капацитет од околу 2.900 продажни места-тезги, располага со деловен простор претежно наменет за издавање со вкупна површина од околу 58.000 квадратни метри.

Поврзани содржини