ЕТАПНО ЌЕ СЕ ВОВЕДУВА БЕСПЛАТНИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ Прво мора да се види кој правел долгови во ЈСП
Прво ќе се направи консолидирање на ЈСП зашто внатре е хаос. Почната е внатрешна ревизија, а ќе има и надворешна за да се види каде се направени огромните долгови кои ЈСП ги има.
Целосно бесплатниот јавен превоз во ЈСП за стално, кој беше предизборно ветување на новата градоначалничка Данела Арсовска, ќе се воведува етапно, а таа вели дека се надева тоа да биде пред почетокот на втората година од нејзиниот мандат. Но првин, Град Скопје ќе прави анализи за големите долгови во кои западнал ЈСП и за тоа зошто дел од возилата воопшто не биле ставени во функција.
– Прво ќе се направи консолидирање на ЈСП зашто внатре е хаос. Почната е внатрешна ревизија, а ќе има и надворешна за да се види каде се направени огромните долгови кои ЈСП ги има. Најголем дел од средствата што му се дотираат доаѓаат од Град Скопје, тоа е сума од над 12 милиони евра кои се дотираат директно од буџетот на градот – рече Арсовска.
Додаде дека се работи за носечки проект од изборната програма за Скопје и, според ветеното, рече таа, етапно и по категории ќе се воведува бесплатен превоз, за што прво ќе се набавуваат прва транша еколошки автобуси. Конкретен рок на бесплатен превоз таа не прецизираше.
– Кажавме дека пред истекот на втората година целосно ќе биде бесплатен јавниот превоз. Ние, секако, ќе се обидеме тоа да го направиме и пред истекот на овој рок – рече градоначалничката.