ЕСТОНЦИТЕ СЕ НЕЗГОДНИ, ТРЕБА ОД ПРВА ДА ГИ ПОБЕДИМЕ Димитријевиќ верува дека ќе успее тандемот со Ти Џеј Шортс

Треба да одиме со помисла дека треба да победиме, не да чекаме што ќе се случи. Треба да излеземе од прва минута за победа, посочи Ненад Димитријевиќ велејќи дека во тандем со Ти Џеј Шортс и другите ќе направат да има успех на претстојниот меч.

291

Кошаркарскиот репрезентативец на Македонија, Ненад Димитријевиќ пред претставниците на медиумите изјави дека едвај чека да дојде мечот со Естонија од квалификациите за Евробаскет 2025 и дека тимот на машката сениорска репрезентација ќе биде подготвен.

– Естонија се незгодна екипа. И минатите квалификации имавме проблеми со нив, но мислам дека имаме доста квалитети, во некој налет да направиме успех и да направиме изненадување на нивниот терен. Мислам дека сме подготвени и едвај чекам да дојде денот на натпреварот – посочи нашиот најдобар кошаркар.






Сениорите денеска го одржаа првиот собир со кој означи почеток на мини-подготовките кои ќе ги одржи во Скопје во пресрет на последните два натпревари од овој циклус на квалификации. Димитријевиќ верува дека заедносо Ти Џеј Шортс ќе се навикнат еден на друг и ќе направат да профункционира врската за успех на репрезентацијата.

– Мислам дека до натпреварот со Естонија ќе бидеме подготвени. Прво мислам дека треба да бидеме пофизички подготвени. Кошарката оди во тој правец, Естонија покажа дека е доста физичка екипа, што сака да трча и имаат играчи на секоја позиција, дури и евролигашки играчи. Треба да бидеме подготвени за нивната енергија и нивната физикалност и да одговориме на тоа. Мислам дека тоа е најважно. Треба да одиме со помисла дека треба да победиме, не да чекаме што ќе се случи. Треба да излеземе од прва минута за победа – заклучи Димитријевиќ.

Неговиот сорепрезентативец Ти-Џеј Шортс изјави дека е подготвен да им помогне на соиграчите од националниот тим во походот кон Евробаскет 2025.  Возбуден е што пак ќе игра за Македонија и се надева дека ќе помогне за победа над Естонија и Полска.

– Мене ми е исто дали играм за Париз и Македонија, ќе се потрудам да помогнам. Нено (Димитријевиќ) е лидер на тимот, а јас ќе го дадам се за да му помогнам и да го симнам товарот од него. Не сакам да зборувам за очекувања, туку сакам да помогнам да се победува. Знам дека Естонија е млад и гладен тим за успеси. Ќе мора да имаме добра енергија, затоа што знам дека имаат одлична публика. Последен пат кога играв со Естонија во дресот на Македонија, го почувствував тоа. Ни зададоа удар многу рано и бевме во проблеми. Сега сакам да биде поинаку – вели Шортс.

Селекторот Александар Јончевски, изјави дека мислите се насочени кон гостувањето во Естонија.

– Во моментов размислуваме само на Естонија и на натпреварот кој мора да го добиеме за да одиме понатака, а за Полска ќе се подготвуваме по Естонија. Имаме мотив, имаме желба, составот можеби не е во најпосакуван изглед по моментов. Имаме среќа што Ненад Димитријевиќ е со нас, тука го имаме и Ти-Џеј Шортс. Се надевам дека како тандем ќе функционираат беспрекорно и ќе дојдеме до победа. Со Јакимовски сум во контакт, имавме позитивни одговори од Колорадо затоа што имаа минимални шанси да се квалификуваат понатаму. Но, пред скоро добивме порака дека тимот има шанси да оди понатаму. Се надевам дека ќе се појави тој во Талин и ќе го имаме на располагање. За разлика од претходниот циклус, го имаме Теодор Симиќ, кој се надевам дека ќе помогне за игра под кошевите, најголемиот проблем кој го имавме претходно со такви физички репрезентации. Тука гледам наша шанса и за некоја брза игра, да ги бркаме тие пет поени негатива во Талин – истакна Јончевски.

Поврзани содржини