ЕСМ ТРЕБА ДА КУПУВА СТРУЈА КОГА ТАА НА ПАЗАРОТ Е ПОЕВТИНА ОД НЕГОВАТА Бислимоски предлага компанијата да биде поактивна на пазарот на струја
Оваа практика, според првиот регулатор, ќе придонесе компанијата да ги намали трошоците во пролетниот и летниот период кога домашните фотоволтаични централи продаваат евтина струја.
ЕСМ треба да биде многу поактивна на пазарот на мало и не треба да произведува кога може да набави електрична енергија по далеку пониски цени од нејзините производни, рече денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
-Треба да се ослободиме од размислувањата дека ЕСМ треба само да произведува. Во моменти кога цената на електричната енергија на пазарот во државата и регионот е пониска од производната цена на ЕСМ, многу е пологично ЕСМ да набавува електрична енергија на слободниот пазар за да си ги намали своите трошоци, а треба да ги искористи и изградените фотоволтаици од вкупно 1.200 мегавати. Имаме фотоволтаични електрани кои продаваат на слободниот пазар, продаваат на други снабдувачи и трговци со електрична енергија, а тие потоа продаваат на потрошувачите. ЕСМ треба да размислува во таа насока, да се прават набавки на електрична енергија кои не само што ќе бидат пониски од нејзината производна цена, туку ќе бидат пониски и од цената по која ЕСМ му продава на ЕВН Хоум – рече Бислимоски.
Тој додаде дека ова треба да биде практика во пролетниот и летниот период, бидејќи државата располага со огромниот број фотоволтаици во државата.
-Со коректна цена која ЕСМ би им ја понудила, ќе добиеме стабилна и предвидлива трошковна структура на ЕСМ во однос на набавката и производството на електрична енергија – рече Бислимовски.
Тој оцени дека ЕСМ обезбеди цена од 65 евра за мегаватчас, која споредено со вчерашните берзански цени е два пати пониска.
Во однос на прогласувањето кризна состојба, РКЕ, рече Бислимовски, има свој претставник.
-Гледам дека од државните резерви ќе се обезбедува мазут, соодветните институции одговорни во овој дел сигурно ја следат ситуацијата во однос на проблемите со набавката на мазут, имајќи предвид дека секаде во Европа голем број рафинерии не произведуваат мазут зашто го сметаат како гориво кое предизвикува загадување и поради тоа во последните 7 – 8 години обезбедувањето оди тешко – рече Бислимоски.