Обвинувањата за корупција во јавните набавки во РЕК Битола се тенденциозни и штетни за имиџот и на комбинатот и на компанијата и на државата, велат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) како реакција на денешната прес-конференција на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицемерно е да се тврди дека постои корупција во јавните набавки, без притоа да се има било какви докази за тврдењата, а од друга страна тоа да се поврзува со извештај за перцепцијата на корупцијата во земјава. Токму ВМРО-ДПМНЕ и во конкретниот случај пратеникот Антонијо Милошоски се творците на таа перцепција, кога со невидена леснотија излегуваат на прес-конференции и обвинуваат за појави за кои ниту имаат, ниту може да обезбедат докази бидејќи такво нешто не постои“, се наведува во официјалното соопштение.
Од ЕСМ повикуваат Милошоски да не ја замајува јавноста дека до ВМРО-ДПМНЕ стигнале некакви договори кои отвораат сомнеж за корупција во АД ЕСМ или РЕК Битола.
„Станува збор за јавно достапни документи и секој може до нив да пристапи преку системот за јавни набавки. Сите договори на кои се повикува Милошоски ги поминале сите правни процедури предвидени во македонското законодавство, вклучувајќи и жалби и одлуки на надлежни инстанци. Во секој случај, пратеникот Милошоски ги има на располагање институционалните механизми за утврдување на вистината и го повикуваме да поднесе претставка до Јавното обвинителство на РСМ. Коректно би било и да се извини за изречените лаги“, стои во соопштението.