ЕСКОБАР УТРЕ ЌЕ ВИТКА РАЦЕ ВО СКОПЈЕ За „физикална“ да се спреми Христијан Мицкоски
Ескобар ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој синоќа во Кичево изјави дека се прави стратегија како да се скрши ВМРО-ДПМНЕ за нејзини пратеници да гласаат за уставни измени.
Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар утре доаѓа во посета на Северна Македонија. Ескобар ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, потврдија за МИА од кабинетот на шефот на државата. Предвидено е Ескобар да има средба и со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ескобар ќе биде во земјава и в петок (25 август) за кога се предвидени најголем дел од средбите со неговите соговорници.
Доаѓањето на Ескобар на Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.
Пленарната седница за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот почна на 18 август. Дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата, претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.
За усвојување на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, што е единствена точка на 123 седница, неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази за промена на Уставот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Кичево изјави дека се прави стратегија како да се скрши ВМРО-ДПМНЕ за опозициски пратеници да гласаат за уставните измени.
– Денеска, додека го зборувам ова, ние сме соочени со историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прават стратегија како да ја скршат ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат – рече Мицкоски во Кичево.
Неколку часа пред настапот на Мицкоски, американската амбасадорка Агелер повтори дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија и дека сите политичари во земјата треба да работат на остварување на таа цел.