ЕСЕ: Нема отчет каде завршуваат државните пари и донациите за справување со ковид-19
Министерството за здравство на три сметки прибира финансиски донации, но нема информации од каде се обезбедни парите и како тие се потрошени.
Процесите на прибирање и трошење на парите наменети за справување со пандемијата на ковид -19 се нетранспаретни, а малкуте достапни информации се конфузни, се наведува во истражувањето спроведено од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).
Истражувањето покажува дека Министерството за здравство на три сметки прибира финансиски донации, но нема информации од каде се обезбедни парите и како тие се потрошени.
„Дополнително, Министерството прима и материјални донации за кои нема информации кој, во која количина и која вредност ги обезбедил, како и на кој начин тие се дистрибуирани во јавниот систем. Информациите кои се јавно достапни се конфузни, нецелосни и нејасни. На сметката за поддршка за справување со коронавирусот на Министерството за здравство, заклучно до 6 мај 2020 година прибрани се 2.9 милиони евра, а пак според информациите објавени од еден македонски медиум на 8 април 2020 година, Министерството за здравство обезбедило 67.7 милиони евра во облик на донации и грантoви“, се вели во соопштението на ЕСЕ.
Од здружението наведуваат и дека нема податоци за тоа колку пари се собрани во Фондот за поддршка што го формира вадата за справување со кризата предизвикана од ковид-19 и каде се трошат тие пари.
Вонредната состојба и владата, наедуваат од ЕСЕ, им овозможи на јавните институции самостојно, итно и нетранспарентно да вршат прераспределба на 70 отсто од парите во нивните буџети.
„Интервентните набавки и нејасноста на информациите за спроведување итни набавки ја доведуваат во прашање оправданоста и економичноста на овие постапки, а владата ја прават нетранспарентна. Континуирано се набавуваат големи количини на заштитна опрема. Во меѓувреме владата добива континуирани донации на вакава опрема од различни донатори, а во државата речиси четвртина од заболените од ковид -19 се здравствени работници и од нив четвртина се заболени во здравствени установи. Овие резултати водат кон повеќе прашања, и тоа: дали владата има направено проценка на потребите за заштитна опрема и дали дистрибуцијата на заштитната опрема одговара на реалните потреби“, се наведува во соопштението.
Од ЕСЕ сметаат и дека се набавува голема количина на респиратори, без јасна проценка на националните потреби и трендов. што создава поле за злоупотреба на државните пари.