Истражниот затвор „Скопје“ ги спроведува сите пропишани мерки на Комисијата за заразни болести и активности за превенција од ширење на коронавирусот, денеска ги тестираме притворениците, но и вработените во затворот, а резултатите и сите други детали ќе ги соопштиме в понеделник, вели Есад Рахиќ, директор на затворот во Шуто Оризари, за Плусинфо.
Во врска со реакцијата на адвокатот Сашо Дуковски, дека неговиот клиент Бојан Јовановски, обвинет во „Рекет“ делел иста бања со починатиот затвореник, заразен од ковид-19, Рахиќ вели дека на адвокатот му биле пренесени невистинити информации и дека грижата за сите притвореници и во оваа вонредна состојба е според пропишаните препораки и мерки.
– Дезинфекција се врши постојано, а ги споведуваме и сите останати мерки откако се пропишани, но еве да почекаме до понеделник и ќе имаме и конкрени резултати од епидемиолошката анкета – вели Рахиќ.
Тој тврди дека во затворот е мирна состојбата, но некои медиуми пренесоа дека затворениците, исплашени по смртта на заболениот од коронавирис барале заштитни мерки и се заканувале дека ќе штрајкуваат со глад.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера информираше дека притвореникот, кој починал од срцев удар, немал симптоми на корона вирусот, но обдукцијата покажала дека тој е позитивен.