ЕРМЕНЦИТЕ ГО НАПУШТААТ НАГОРНО КАРАБАХ Над 120.000 жители стравуваат од етничко чистење и бегаат во Ерменија
Ерменија повика на итно распоредување на мисија на Обединетите нации за набљудување на човековите права и безбедноста во Нагорно-Карабах, во момент кога се создадени услови за испраќање помош во тоа подрачје по воспоставувањето на кревкиот прекин на огнот.
Околу 120.000 Ерменци од Нагорно Карабах ќе заминат во Ерменија, бидејќи не сакаат да живеат во составот на Азербејџан и се плашат од етничко чистење, изјави денеска Давид Бабајан, советник на претседателот на отцепениот непризнаен регион.
Бабајан изјави дека Ерменците не сакаат да живеат во составот на Азербејџан и дека 99,9 отсто од нив ќе го напуштат Нагорно Карабах поради тоа.
– Судбината на нашиот кутар народ ќе влезе во историјата како срам за ерменскиот народ и за целиот цивилизиран свет – рече Бабајан и додаде дека процесот на предавање на оружјето на етничките Ерменци од Нагорно Карабах е во тек.
Ерменија повика на итно распоредување на мисија на Обединетите нации за набљудување на човековите права и безбедноста во Нагорно-Карабах, во момент кога се создадени услови за испраќање помош во тоа подрачје по воспоставувањето на кревкиот прекин на огнот.
Азербејџан на 20 септември прогласи прекин на огнот откако ги принуди ерменските сепаратистички сили да прифатат целосно воспоставување на азербејџанска контрола во Нагорно-Карабах, ерменска етничка енклава.
Нагорно-Карабах е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но прогласи отцепување на почетокот на 1990-тите во текот на војната што избувна по распадот на Советскиот Сојуз.
– Меѓународната заедница треба да ги преземе сите напори за итно распоредување на меѓуагенциската мисија на ОН во Нагорно-Карабах со цел следење и проценка на човековите права, хуманитарната и безбедносната состојба на терен – рече министерот за надворешни работи на Ерменија. Арарат Мирзојан во обраќањето на седницата на Генералното собрание на ОН.