Данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен по успешната операција на срцето каде му е вграден дефибрилатор кој ќе го мери и контролира срцето, денеска е пуштен од болница.
Од репрезентацијата на Данска потврдија дека Ериксен ја напуштил болницата, и прво сакал да ги посети соиграчите од репрезентацијата.
„Ериксен мина низ успешна операција и денеска е пуштен од болница. Веднаш ја посети репрезентацијата во Хелсингор и после тоа замина дома за да мине време со својата фамилија“, се наведува во соопштението.
Се уште не се знае дали оваа операција ќе значи и крај на кариерата за 29-годишникот кој во минатото со успех ги бранеше боите на Ајакс, Тотенхем и Интер имајќи ги предвид строгите правила кои важат во фудбалот.
Ериксен се заблагодари на пораките од милионските фанови и порача дека за својата репрезентација ќе навива со целото срце во понеделник против Русија.
Минатиот викенд Данецот колабираше на натпреварот против Финска и по интервенцијата на лекарите на терен, тој беше хоспитализиран.