ЕРДОГАН ПАК СЕ ЗАКАНИ СО ВЕТО Ќе ги блокираме Шведска и Финска доколку не си го одржат ветувањето

Откако Шведска, Финска заедно со Турција потпишаа договор на Самитот на НАТО во Мадрид минатиот месец, Анкара го укина ветото за влезот на двете земји, но сега има можност да ги блокира преку непотпишување на ратификацијата за членство. Турција уште при потпишувањето најави дека „внимателно ќе го следи“ однесувањето на двете земји.

507

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган повторно се закани дела ќе го блокира пристапот на Шведска и Финска во НАТО, ако Стокхолм и Хелсинки не ги исполнат барањата на Анкара.

– Турција ќе го замрзне процесот за членство на Шведска и на Финска во НАТО, доколку тие две земји не го одржат ветувањето за антитерористички акции што го дадоа минатиот месец. Шведска досега не остава добар впечаток – истакна Ердоган.






Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО откако Русија ја нападна Украина, но Турција веднаш се спротивстави на идејата и ги обвини двете нордиски земји дека поддржуваат групите, кои Турција ги смета за терористички.

Потоа, трите земји потпишаа договор на Самитот на НАТО во Мадрид минатиот месец, по што Анкара го укина ветото за влезот на Шведска и Финска во Алијансата, но под услов двете земји да ги исполнат ветувањата поврзани со наводните терористички групи и извозот на оружје.

Турција тогаш најави дека „внимателно ќе го следи“ спроведувањето на договорот пред да го ратификува влезот на Шведска и Финска во НАТО.

Поврзани содржини