Ердоган и последната битка за Турција
Ердоган подобро од сите знае дека затворот во Истанбул е предкомора за освојување на претседателската палата. Којзнае, можеби на овој начин Ердоган проверува кој е достоен да го наследи?!
„Стравот нема никаква корист во смртта. Ќе бидеш поразен од нашата исправност, од нашата храброст, од нашата скромност, од нашите насмеани лица“. Со овие зборови градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу ќе му се обрати на Ердоган за време на неговото апсење, официјално санкционирано на 23-ти март, пишува Ивор Мицковски за Дојче веле.
Имамоглу, како една од клучните фигури на турската опозиција и поставен од неговата партија – ЦХП, како противникандидат на следните претседателски избори, засега предвидени за 2028 година, беше уапсен под обвинение за корупција. Спротивно на очекувањата падна во вода обвинението за тероризам, нешто што дозволи општината под негова власт да остане во рацете на неговата партија.
Оние кои излегоа на протести се лути, бидејќи веруваат дека апсењето на градоначалникот е пресвртна точка, дека земјата од авторитарната демократија прелетува во отворена автократија. Властите уапсиле повеќе од 1.400 демонстранти, вклучувајќи и многу новинари. Просторот за известување за движењето што Ердоган го опишува како „зло”, но кое е покренато поради акумулираната политичка репресија и лошата економска состојба, се намалува.
Според податоци на партијата, околу 13 милиони луѓе дале поддршка за Имамоглу, при што му се придружиле 1,7 милиони членови на партијата ЦХП. Протестите се трасверзални, политички хетерогени и ги надминуваат обичните партиски припадности. Тоа е и главната разлика со масовните протести во Гези паркот во 2013 година, каде економската деградација и бесперспективноста на младите денес играат далеку поголема улога. Мотото на опозицијата, предводена од Озгур Озел е „Сите или никој“, и најавува дека борбите за власт во турската држава се многу подлабоки од тоа што можеме да замислиме.
Патриотска опозиција и непатриотска опозиција
Главниот проблем за опозицијата е што останување на врвот на Реџеп Таип Ердоган од страна на системот на моќ и длабоката држава, особено после неуспешниот обид за воен удар во 2016-та, се смета како клучно за одржување на внатрешната рамнотежа која пак гарантира постојано регенерирање на геополитичките ресурси кои ја потхрануваат растечката империјална проекција на Анкара.
Турција има потреба од Реџеп Таип Ердоган – е нешто што го потврдува и Девлет Бехчели, неговиот коалициски партнер, лидер на националистичката МХП и на длабоката анатолиска држава, кој беше и инспиратор на последниот апел на затворениот основач на ПКК, Абдулах Оџалан, да се положи оружјето, затоа што владата се обидува да придобие поддршка од прокурдската политичка партија и затоа што Ердоган е единствената опција за континуитетот на државата, за политичката стабилност, за создавањето на „векот на Турција“.
Во политичката традиција на Турција опозицијата е проблематичен ентитет, па дури ни Ердоган во минатото ја нема навистина водено. Мустафа Кемал Ататурк беше убеден дека таа е непотребна. Затоа што може да постојат само два вида на опозиција: патриотска опозиција и непатриотска опозиција. Оттука, првата е непотребна, затоа е што е дупликат на власта, а втората е опасна, па затоа треба да биде распуштена.
Неуспешниот воен удар во 2016-та предводен од Америка само ја зајакна оваа параноја. Паранојата доби свои геополитички контури за време на претседателските избори од 2020 во Америка кога Бајден јавно изјави дека Ердоган „мора да плати и да биде поразен“ и дека САД треба да го поддржат лидершипот на опозицијата. Односно Екрем Имамоглу, тазе победникот на локалните избори во Истанбул и растечка ѕвезда на турската опозиција. Од тој момент, помеѓу масата и силите кои ја потхрануваат и одржуваат моќта на Ердоган, но не поради тоа и го гласаат, почнува да се јавува одреден сомнеж: амбицијата на Имамоглу е да стане идниот патриот и шеф на државата или обичен агент на странските сили кои сакаат да ја распарчат турската татковина?
Ердоган го елиминира единствениот ривал
Во име на тој сомнеж, преовладува кемалистичкото евангелие: ударот врз Имамоглу не доаѓа во суштина преку неговото апсење, на само неколку дена пред неговата партија ЦХП да го номирана за претседателски кандидат, колку од поништувањето на неговата диплома од Истанбулскиот универзитет, која е неопходна за да се кандидира за претседател. Тоа е клучниот момент, затоа што Имамоглу би можел да се кандидира и од затвор, како во 2018-та година, но без диплома не може, според одредбите на турскиот Устав.
На тој начин Ердоган го елиминира единствениот ривал кој би можел да го победи, каде според сите анкети од август 2023-та, Ердоган би освоил релативно мнозинство во првиот круг, но потоа би изгубил во вториот. На тој начин се олеснува и веќе замислениот план на длабоката држава и на Бехчели, според кој: би се направил договор со курдската ПКК, би се модифицирал Уставот со што би му се дозволил реизбор на Ердоган уште во 2026-та, за историски четври мандат, нешто што би го одржало на власт теоретски до 2031 година или цели 29 години од првата победа во 2002 година.
И се тоа додека Американците се зафатени со сосема други итности, комплетно ненаклонети кон санкционирање на какви било прекршувања на човековите права. демократските права и што и да е друго од своите стратешки партнери. Се шпекулира дека во телефонскиот разговор од март месец Трамп му има соопштено на Ердоган: „Имам доверба во тебе, ти го препуштам регионот, мојот амбасадор во Турција ги чека твоите наредби“. Во исто време Европа одново ја откри војната и се соочи со фактот дека Анкара е единствениот нејзин сојузник и алтернатива, ако не сака да биде проголтана од судирот/љубовта помеѓу САД и Русија.
Од тој аспект Ердоган со апсењето на Имамоглу на време си го пази грбот. Затоа што Трамп е непредвидлив и затоа што подеднакво е непредвидливо колку долго американските апарати ќе го остават во живот или на власт. Следниот американски претседател би можело да биде уште повеќе непредвидлив и уште помалку емпатичен од Трамп. Оттука за Турција е императив да се избегне опасноста за време на следното американско предизборие, домаќинот на Белата куќа или кој и да е друг, да го покани во Вашингтон лидерот на турската опозиција и на тој начин да го легитимира како соговорник на број 1 светската суперсила. Заседата која Трамп и Ванс му ја приредија на Зеленски ќе остане засекогаш запаметена во геополитичката меморија на сојузниците. Златното правило на однесување со САД, нешто што Анкара одамна го знае, е да се нема доверба во Американците. Прекршувањето на тоа правило води кон исчезнување.
Па сепак, цената која Ердоган ќе ја плати за рушењето на опозицијата може и да ја надмине користа што ќе ја извлече. После победата во 2023-та, Ердоган се наметна како „татко на нацијата“, ја инволвираше опозицијата во важни прашања и во поставување на правилата на играта, ја намали внатрешната тензија и ја пресретна монетарната катастрофа која доведе до историска инфлација. После апсењето на Имамоглу се тоа испари за три дена, како што за три дена изгореа 80% од резервите на странска валута. Турција може да се соочи со ново рушење на турската лира и нова економска нестабилност, која се покажа како главна причина за губење на изборниот консензус. Таквата состојба Турците досега ја толерираа, но миксот од економска криза и апсење на опозицијата би можело да отвори некои непредвидливи сценарија.
Можеби најголемиот профитер од целата ситуација е сојузникот Бехчели или министерот за надворешни работи, екс шпиунот Хакан Фидан, човекот кој го издаде пред воедниот удар во корист на Давутоглу, но потоа го следеше во авионот и се покаја во Мека. Има ли Ердоган сеуште доверба во своите луѓе? Бехчели може да остане на власт и без Ердоган, затоа што и Имамоглу му е голем должник, додека Фидан се почесто од некои политички кругови се наметнува како наследник на турскиот претседател. Тука е и прашањето што ќе направи итриот лидер на ЦХП, Озгур Озел, кој пред себе го има мечот на својот живот. Имамоглу веќе ја има димензијата на маченик. Што значи дека би можел да се претвори во жртвено јагне наспроти Ердоган. Озел може да ја постави дилемата пред Ердоган: или ќе ни отвориш простор и тогаш би го жртвувале Имамоглу, или ќе направиме експлозија со градоначалникот на Истанбул.
Дилемата на Ердоган
Ердоган знае дека не е вечен, ниту пак бесмртен. Но, неговото политичко наследство е империјално и (гео)политичко, и има намера да влезе во историјата мерејќи се единствено со Ататурк. Оттука, неговата дилема е следна, дали преферира да биде соборен од своите преторијанци и од длабоката држава на која и направи бескрајни услуги и можности, или пак да биде поразен на избори од некој што му е сличен. Со сигурност нема самоволно да се повлече или пред да дојде повикот од Алах, да се ограничи на пишување на сопствените мемоари. Што се однесува до Турција поентата и главната битка не е дали земјата ќе биде повеќе или помалку авторитарна или демократска, туку дали ќе може структурално и системски да го продолжи империјалното наследство на Ердоган, нешто што „реисот“ би го направило бесмртен. Само така „новата“ Турција би станала нешто поинакво и поголемо од Турција основана од Кемал Ататурк.
Конечно, има одредна иронија на историјата или аналогија во апсењето на Имамоглу. На ист начин во 1998, додека беше градоначалник на Истанбул, Ердоган беше уапсен и прогласен за херој и маченик, за потоа да стане главен. Ердоган подобро од сите знае дека затворот во Истанбул е предкомора за освојување на претседателската палата. Којзнае, можеби на овој начин Ердоган проверува кој е достоен да го наследи?! Се разбира, по можност за некоја година од сега.