ЕРДОГАН ГО СООПШТИ ДАТУМОТ Туркије оди на претседателски и парламентарни избори

Владејачката АКП сè уште е најсилната турска партија и најверојатно ќе остане значајна сила во Парламентот, но анкетите покажуваат дека Ердоган имал помал рејтинг од некои потенцијални предизвикувачи.

275

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган синоќа официјално објави дека претседателските и парламентарните избори ќе се одржат на 14 мај. Претходно тие беа закажани за 18 јуни.

– Нашите очекувања од вас, нашите млади луѓе, кои првпат ќе гласаат на претстојните избори, се да го видите светот и нашата земја на најдобар и најкоректен начин. Благодарен сум на Бога што ќе чекориме рамо до рамо со вас, наша ценета младина која првпат гласате, на изборите што ќе се одржат на 14 мај – рече Ердоган, во турскиот град Бурса, каде учествуваше во програма организирана од младински организации. Досега се шпекулираше дека изборите ќе бидат предвремени, но со ова Ердоган го потврди тоа.






Ердоган, кој е на власт од 2003 година, прво како премиер, а од 2014 година како претседател, планира повторно да се кандидира, а шестпартискиот опозициски сојуз допрва треба да номинира кандидат. Јавното мислење е дека овие избори ќе претставуваат огромен тест за првиот човек на Туркије и за неговата партија.

Во 2018 година, 68 годишниот Ердоган воведе систем на управување со кој ја укина функцијата премиер и поголемиот дел од овластувањата ги концентрираше во рацете на претседателот. Пред тоа, претседателот имаше главно церемонијална функција.

Според новиот систем, претседателските и парламентарните избори се одржуваат во ист ден. Доколку ниту еден претседателски кандидат не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг на гласање ќе се одржи на 28 мај.

Опозицијата го обвинува Ердоган за економскиот пад на Туркије и за ерозијата на граѓанските права и слободи, велејќи дека ревидираниот систем претставува „владеење на еден човек“.

Анкетите покажуваат дека парламентарните и претседателските избори ќе бидат неизвесни и ќе бидат најголемиот тест за поддршка на Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП) во изминатите две децении.

Владејачката АКП сè уште е најсилната турска партија и најверојатно ќе остане значајна сила во Парламентот, но анкетите покажуваат дека Ердоган имал помал рејтинг од некои потенцијални предизвикувачи.

Поврзани содржини