ЕРДОГАН ГИ ЗАМОЛЧУВА МЕДИУМИТЕ ПРЕД ИЗБОРИ За ширење дезинформации ќе се оди во затвор до 3 години
На гласањето му претходеа бурни седници во Парламентот, со спротивставувања на пратениците од опозицијата кои во неколку наврати ја прекинуваа расправата и го осудија, како што посочија, законот за цензура.
Турскиот парламент синоќа усвои Закон што наводно има за цел борба против лажните вести и дезинформациите, со оспорувани одредби што предвидуваат и затворски казни за ширење дезинформации.
Најконтроверзната одредба во новата легислатива, членот 29, предвидува казна затвор до 3 години за ширење информации што се „спротивни на вистината” за прашања од областа на безбедноста, јавниот ред и здравјето во Туркије, односно ширење дезинформации што наводно имаат намера да предизвикаат загриженост и паника во јавноста.
Опозицијата соопшти дека новата легислатива е со цел замолчување на критичарите на власта пред претседателските и парламентарните избори закажани за јуни. Критичарите предупредуваат дека корисниците на социјалните мрежи може да бидат притворени доколку споделат содржина која власта ја смета за лажна.
– Оние што велат ‘има сиромаштија’ ќе одат во затвор. Оние што велат ‘има корупција’ ќе одат во затвор”- изјави Енгин Алтај, пратеник од главната опозициска Републиканска народна партија.
Законот од 40 членови беше усвоен од владејачкото мнозинство во Парламентот, составено од пратеници на Партијата на правдата и развојот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган и нејзините сојузници.
Гласањето следеше по бурните седници во Парламентот, со спротивставувања на пратениците од опозицијата кои во неколку наврати ја прекинуваа расправата и го осудија, како што посочија, законот за цензура.
Ердоган се заложи за усвојување на Законот, истакнувајќи дека лажните вести и растечкиот „дигитален фашизам” се закани за националната и глобалната безбедност.