Ерата на депортации во ЕУ започна
Европскиот парламент започнува преговори за нов закон за депортација на мигранти. Дел од политичките групи го поздравуваат заострувањето, додека критичарите предупредуваат на ризици за човековите права.
Миграциската политика на ЕУ станува сè построга. Европскиот парламент со големо мнозинство гласови деновиве даде зелено светло за преговори за нов закон за депортација. Мандатот за преговори за заострување на мигрантската регулатива го издејствува широка коалиција на десничарски партии.
Европскиот парламент долго време се обидува да се договори за тоа како да се справи со депортациите на луѓе без право на престој. Сегашната Директива за враќање датира од 2008 година и долго време се сметаше за недоволна од мнозинството политички табори, иако од различни причини. Предлогот на Европската комисија презентиран во март минатата година – пред се како регулатива, а не како директива, што практично значи дека треба да се применува директно во сите земји без да се имплементира во националното законодавство – наиде на критики.
Конзервативната и христијанско-демократската група ЕПП го поздрави резултатот. Преговарачот Франсоа-Ксавие Белами, француски европратеник познат по своите заложби за построга политика кон илегални миграции, го опиша гласањето како пробив и „вистинска пресвртница“, нагласувајќи дека по години застој Европа конечно добива алатки за спроведување на сопствените правила за миграција.
За да се оправда донесувањето на регулативата, во повеќе наврати беа посочувани статистички показатели, дека секоја година на речиси половина милион луѓе им се наредува да ја напуштат ЕУ, но само еден од петмина го прави тоа.
– Тоа е целосно неприфатливо – нагласува потпретседателот на ЕПП, Швеѓанецот Томас Тобе.
Но, тие бројки, спореде влијателниот бриселски портал „ЕУобсервер“ се доведени во прашање. Како што се укажува, се добива погрешна слика, бидејќи некои наредби за протерување се пресметуваат статистички двапати, а некои од засегнатите лица заминуваат доброволно без да бидат регистрирани како повратници.
Во последните години мигрантските регулативи во рамки на ЕУ се драстично сменети и постојано се изложени на сериозни промени и рестрикции. ЕУ моментно спроведува голема реформа на миграциската политика што ќе стапи на сила во јуни 2026 година, фокусирајќи се на построги контроли на надворешните граници, побрзи процеси на азил и задолжителна солидарност меѓу земјите-членки во распределбата при прифаќање на бегалците.
Новите правила вклучуваат задолжителен скрининг, повеќе „безбедни“ земји и поефикасно враќање на луѓе кои немаат причини за заштита. Според договорот постигнат во текот на данското претседателство со ЕУ во декември минатата година, Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Косово, Мароко и Тунис, како и сите земји кандидатки за членство во ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија, се означени како безбедни земји на потекло.
Организацијата „RESCUE“, која делува во Шведска, помагајќи им на луѓе во кризни ситуации, е загрижена поради списокот на такви земји, бидејќи е јасно дека земјите што се сметаат за „безбедни земји на потекло“ не се безбедни за секого. Низа документи на ЕУ, всушност, покажуваат дека во сите овие земји се случуваат сериозни кршења на човековите права, особено врз ранливите групи.
Луѓето со посебна ранливост ризикуваат да бидат потиснати низ пукнатините на недоволна правна сигурност и да немаат пристап до доволна правна поддршка. Критичасрите тврдат дека опишувањето на овие земји како „безбедни“ е начин ЕУ да се откаже од својата одговорност, на сметка на ранливите луѓе. Затоа, новите правила ризикуваат да го ослабат правото на индивидуална и правно безбедна проценка на потребите за заштита.
При гласањето деновиве во Европскиот парламент, мнозинството од социјалдемократската група С&Д гласаше против. Од нивните редови потоа беше укажано на каков начин биле водени преговорите, во кои тие учествувале со добра волја, со цел постигнување договор меѓу проевропските сили.
– Наместо тоа, процесот беше прекинат и заменет со коалиција со крајната десница – рече лидерката на групата по ова прашање, Муриел Лоран.
Извештаиите за контактите на ЕПП со десничарите предизвика силни реакции во Германија, каде што канцеларот Фридрих Мерц предупреди дека шефот на ЕПП Манфред Вебер сега „сноси одговорност“ за соработката.
Шведскиот европратеник Чарли Вајмерс, од редовите на екстремно десничарската партија Шведски демократи, која даде силен придонес мандатот на актуелната шведска влада во изминатите години да добие силен анти-мигрантски печат, го поздрави исходот од гласањето Европскиот парламент. Според „Еурактив“, Вајмарс имал значајна улога во воспоставувањето на контактите меѓу ЕПП и партиите на крајната десница.
– Ерата на депортации започна – вели Вајмарс. Гласањето, според него, потврдува растечко и стабилно мнозинство во Европскиот парламент за поефикасни враќања на азиланти и мигранти.
Преговорите за конечниот законски текст сега ќе се водат меѓу Европскиот парламент и земјите-членки. Комесарот за миграција на ЕУ, Магнус Брунер, ја опиша регулативата како „последно парче во сложувалката“ за миграцискиот пакт да профункционира како целина. Првата рунда преговори со кипарското претседателство на ЕУ е планирана да се одржи наскоро. Очекувањата се дека претстојните финални преговори ќе го нагласат растечкиот институционален консензус за тоа во која насока се движи миграциската политика на ЕУ.
Фокусот, во секој случај, не е насочен само на јакнење на контролите на надворешните граници на ЕУ, туку и врз континуираното заострување на азилантските и мигрантските регулативи, вклучувајќи го во поширок контекст и доселувањето на работна сила.
Во Шведска, на пример, имигрантите кои не се однесуваат добро би требало да можат да бидат протерани од земјата. Тоа е идејата зад таканаречениот „услов за добро однесување“, кој пред извесно време го презентираа владата и Шведските демократи.
Овој владин предлог беше проследен со бура остри критики и со укажувања дека концептот на добро однесување е, всушност, нејасен и дека внесува претпоставки за целосна правна неизвесност. Замислата е експлицитно да се опфати сè што би можело да има каков било допир со тоа што е нелегално. На пример, се сугерира дека „лошото однесување“ би можело да биде доколку имате неплатени долгови кај шведски извршители, или доколку учествувате во демонстрации на кои властите не гледаат со симпатии.
Франц Кафка, мајсторот на апсурдите, како што забележа една шведска колумнистка, сега е веројатно толку фрустриран што го клоца капакот од својот ковчег во гробот. И дека веројатно не ни помислил на вакво сценарио како продолжение на неговиот прочуен роман „Процес“.
Прозата на Кафка отвара прашања за апсурдната борба на човек кој не знае за што е обвинет. Апсурдноста сега оди и чекор понатаму, со предупредувачко покажување на показалецот, така што сега на човекот му се кажува за што е обвинет, но не и зошто тоа што го направил е погрешно за неговиот (мигрантски) граѓански статус.
И без судење. Властите истражуваат по брза постапка и веднаш потоа ја изрекуваат казната: депортација. Нека му ја мислат сега мигрантите што не се однесуваат добро.