ЕПШТАЈН БАРАЛ ПАТ ДО ПУТИН, САКАЛ ДА ГО СОВЕТУВА? Рускиот лидер се појавува 1.000 пати во документите

Во комуникација со Торбјорн Јагланд од Советот на Европа, Епштајн сугерирал дека може да му „пренесе порака“ на Путин за тоа како да се однесува кон Трамп. Во 2011 година, во преписка со бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати, Епштајн наведувал дека „Путин можеби ќе дојде во САД“ и дека би сакал средбата да се случи таму, а не во Сочи.

34

Новообјавени документи од американското Министерство за правда отворија прашање кое досега живееше во зоната на шпекулации. Во интерни досиеја на ФБИ, покојниот финансиски брокер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн бил опишан како „менаџер на средства“ за рускиот претседател Владимир Путин.

Во други документи се спомнуваат обиди на Епштај да оствари средба со Путин и да го советува во врска со претседателот на САД Доналд Трамп.






Најконтроверзниот документ е извештај на ФБИ од 27 ноември 2017 година. Во него, врз основа на доверлив извор, стои дека Епштајн бил „управувач со средства“ за Путин и дека наводно извршувал слични услуги и за поранешниот претседател на Зимбабве, Роберт Мугабе.

Министерството за правда на САД претходно истакна дека објавените материјали не значат автоматска потврда на сите наведени тврдења, туку претставуваат дел од долготрајна истрага за мрежата на контакти и активности на Епштајн.

„Еве како да се однесуваш со Трамп“

Во преписки од 2018 година, Епштајн тврдел дека може да му понуди на Кремљ корисни информации тогашниот американски претседател Доналд Трамп, пред самитот во Хелсинки.

Во комуникација со Торбјорн Јагланд од Советот на Европа, Епштајн сугерирал дека може да му „пренесе порака“ на Путин за тоа како да се однесува кон Трамп. Јагланд одговорил дека ќе ја пренесе пораката, без дополнителни детали.

ФБИ белешки, илјадници страници, тешки прашања

Материјалот, објавен од Министерството за правда на САД, опфаќа повеќе од 3.000.000 страници документи, околу 180.000 фотографии и над 2.000 видеа. Дел од архивата содржи лична електронска пошта и приватна кореспонденција на Епштајн.

Рускиот истражувачки медиум „Агентство“, кој ги анализираше досиејата, соопшти дека името на Путин се појавува повеќе од 1.000 пати, додека Русија е спомената речиси 5.900 пати.

Е-пошта, визи и обиди за средби

Во електронска пошта од октомври 2010 година, Епштајн прашувал дали Путин бил „на вашиот брод“. Неколку месеци подоцна, при апликација за руска виза, напишал дека „има пријател на Путин“ и се распрашувал дали тоа му ја олеснува процедурата.

Во 2011 година, во преписка со бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати, Епштајн наведувал дека „Путин можеби ќе дојде во САД“ и дека би сакал средбата да се случи таму, а не во Сочи.

Е-пошта од септември истата година зборува за наводна „средба со Путин“ во Русија. Нема потврда дека таа средба навистина се одржала.

Украина и откажаната агенда во 2014 година

Во 2014 година, јапонскиот бизнисмен Џои Ито го информирал Епштајн дека американскиот милијардер Рид Хофман нема да присуствува на планирана средба со него и со Путин.

Подоцнежна порака сугерира дека плановите биле откажани по соборувањето на авионот на „Малезија ерлајнс“ над Украина, кога загинаа 298 лица.

ФСБ, уцени и „пријатели во разузнавањето“

Документите откриваат дека Епштајн во 2015 година комуницирал со Сергеј Бељаков, тогаш заменик-министер во Русија и поранешен кадар на ФСБ. Во една порака, Епштајн предупредувал за „девојка од Москва“ која наводно се обидувала да уценува моќни бизнисмени во Њујорк.

Во друг интерен е-мејл, испратен самиот до себе, Епштајн пишувал за своите „пријатели во ФСБ“.

Американски безбедносни извори во досиејата наведуваат сомнеж за негови врски со руски организиран криминал, особено во контекст на регрутирање млади жени од Русија.

Сомнеж за Мосад и за Барак

Еден од документите на ФБИ бележи предупредување дека Епштајн можеби бил поврзан со израелската разузнавачка служба Мосад. Извор навел дека бил близок со поранешниот израелски премиер Ехуд Барак и дека бил „обучуван како шпион“, тврдење кое никогаш не било јавно потврдено.

Во е-пошта од 2013 година до Барак, Епштајн пишувал дека Путин планира реорганизација на својот најтесен круг и дека „повеќе информации“ може да даде само по телефон или лично.

Поврзани содржини