Епопеја на кичот
Целиот тој смислен „систем“ на релативизација и евентуализација само долева посебна горчина кај најголем дел од граѓаните, многумина од нив и редовни учесници на протестите на „Шарената револуција“, кои сѐ уште не наоѓаат начин да ги „сварат“ таквите, во основа недемократски, манипулации на власта со нив, со нивната некогашна борбеност и демократичност, одамна демагошки искористена и простачки фрлена во заборав.
Се разбира дека и „случајот Слупчане“, уште еден во низата, мазно ќе помине низ „системот“, подмачкан со (повторно) некакви ветени – дури и од премиерот! – проверки за евентуално прекршување на законите, за евентуална одговорност на надлежните и слични будалаштини. Впрочем, македонската фабрика на скандали работи со полна пареа – од „лелекот“ на двајцана историчари до уметницата „која мора бити глупа“ – така што никој веќе многу не се потресува. Сето тое се само кич-делчиња во големата епопеја на кичот што одамна владее во „Нашата земја“, каде веќе нема вредност, морал и чест, па за „мрачната сенка на политиката“ говорат историчари кои прифатиле да ѝ слугуваат, како „експерт“ за економија ни го поттураат главниот финансиер на налудничавото „Ск 2014“, Богоев и Милевски ни се главни адути во одбраната на македонската демократија… итн. Следствено нормално е што прифаќаме дека сѐ е евентуално, нема ништо сигурно, чисто и проверено… Евентуалностите ни ја замаглуваат реалноста сервирајќи ни „мирно“, „спокојно“ секојдневие во кое, всушност, никој не верува. И во коешто и евентуалностите подлежат на евентуалност!
Целиот тој смислен „систем“ на релативизација и евентуализација само долева посебна горчина кај најголем дел од граѓаните, многумина од нив и редовни учесници на протестите на „Шарената револуција“, кои сѐ уште не наоѓаат начин да ги „сварат“ таквите, во основа недемократски, манипулации на власта со нив, со нивната некогашна борбеност и демократичност, одамна демагошки искористена и простачки фрлена во заборав. Но власта заборава дека неисполнетите ветувања можеби бледнеат, но не и „живиот доказ“ за катастрофата викана продолжување на траењето на споменичкиот кич во државава, олицетворен во помилување на криминалот вреден околу 800 милиони евра во „СК 2014“. Толку, имено – до сега – биле пресметани како украдени во процесот на споменичките злосторства. И тој процес, очигледно е, трае до денес. И ќе трае, бидејќи никој не пројавува интерес да се справува со тој вид криминал. Многумина со кои сум разговарал сепак сѐ уште се прашуваат кога стана јасно дека новата „демократска“ власт нема(ше) намера ни со прст да мрдне во справувањето со последиците (не само) од налудничавото „СК 2014“ и необјаснивото прекршување на редица закони валидни во оваа држава? Тој кој ќе рече од првиот ден – ќе биде во право, затоа што власт која се етаблираше само благодарејќи на масовните протести во Скопје, „Шарената револуција“ и поддршката за даваните ветувања – меѓу нив и за омразениот за скопјани „проект“ – а потоа мирно се смести во т.н. бела шампита и остана до денес во неа, фактички веќе на стартот се делегитимираше себеси. Но, во тој и таков случај, сите ние кои дававме стручна и демократска поддршка испаднавме „мали умови“ во „мала земја“, изманипулирани за најважното: владеењето на правото во државата! А на упорните барања за справувањето со кичот и дивоградбите во Скопје, на редицата новинарски прашања, Владата (преку тогашниот портпарол Бошњаковски) одговараше дека тоа е „сложен процес, затоа што во нивната поединечна реализација учествувале различни државни органи и институции на централно и локално ниво, кои користеле различни процеси, пристапи и начини на меѓусебна соработка при спроведувањето и дека поради тоа се создала комплицирана ситуација на меѓусебно преплетување на одговорностите и надлежностите.“[1] Се разбира, тоа не беше никаков „сложен процес“, уште помалку беше комплициран. Но, беше сложен и секако бескрупулозен галиматијас на политичко-пријателски, „бизнис“ и/или криминално-коруптивни релации што требаше да заштитат бројни „видни“ кримогени ликови од тогашната вемеровска врхушка, но и од сегашната власт. А некои, богами, и да ги – (зло)употреби! Најбезобразно и најдрско, но во името на „повисоки цели“.
Иако работната група формирана за таа цел во Министерството за култура, за една година практично им понуди „сожвакани“ стручни елаборати за барем половината дивоградби, со укажувања за прекршувањето на законите и поединците и институциите што тоа го сториле, за власта тоа остана – „сложен процес“. До денес, цели пет години! „Одозгора на тога“, власта и сите министри за култура по 2018-та, направија сѐ да ја минираат работата на групата и потоа тивко да ја распуштат, за да не им „дише“ во врат потсетувајќи ги на сите ветувања. Завршниот печат на тој кафкијански процес беше судењето – и казнувањето – на неколкумина учесници во „Шарената револуција“ поради „боење“ на спомениците од „Скопје 2014“, „упад“ во претседателската канцеларија и сл. Поточно, говорам за оние поединци кои не беа баш така омилени кај власта и пројавуваа тенденции за критичко опсервирање на нејзината работа. За други, оние кои дури станаа и народни „избраници“, Министерството за култура организираше експертски комисии коишто пред судот требаа да докажуваат дека боите што беа фрлани врз одделни објекти не биле штетни, што требаше дотичните да ги ослободи од вината. Други апологети на власта кои се добраа до лагодни и добро платени советнички и фактчекерски места, со сите демагошки сили напињаа да нѐ убедат во проактивната дејност на власта во секој поглед, па и во поглед на споменичката проблематика, па верглаа дека Скопје во 2021-та се разликува од Скопје во 2017-та односно не е веќе „Град со култура на криминални споменици, лажен барок, лажни преводи на стручни книги, лажно културно наследство, наци-документарци и филмови, црква-музеј на Кале, партиски музеј со восочни фигури, квази-археолошки музеј и еден мега-автор – архитект, урбанист и експерт за барок и класицизам“. Иако, кога ќе се завртите околу себеси, ќе видите дека сѐ, ама баш сѐ, е – исто! Впрочем, тоа се истите „стручни“ персони кои до неодамна свиреа по социјалните мрежи дека и ветото на Бугарија не е и „бугарско вето“!
[1] ИЗВЕШТАЈОТ ЗА „СКОПЈЕ 2014“ СОДДРЖИ ТЕШКИ ПРЕКРШУВАЊА НА ЗАКОНИТЕ, ВЛАДАТА СЕ ВАДИ НА СЛОЖЕНОСТА НА ПРОЕКТОТ, Inbox 7, јануари 4, 2019
Извор: Теодосиевски уметност