Епидемиолозите денеска ќе кажат дали ќе има продолжен полицискиот час за викендот
Бројот на активни случаи е стабилен, голем дел од потврдените се веќе од познати кластери, а дел од заразените се инфицирале при групирање на приватни собири, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Комисијата за заразни болести денеска ќе расправа за траењето на полицискиот час за време на викендот и празниците во понеделник, како и за отворањето на угостителските објекти. И покрај малото зголемување на случаи, епидемијата е под контрола, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Епидемијата е под контрола. Бројот на активни случаи е стабилен, голем дел од потврдените се веќе од познати кластери, а дел од заразените се инфицирале при групирање на приватни собири, истакна вчера Филипче.
– Го најавивме отворањето на угостителските објекти во оваа недела, но во текот на дискусијата ги имавме предвид и претстојните празници за време на викендот, така што во текот на утрешниот ден ќе ја знаеме дефинитивната одлука согласно стручните препораки – истакна вчера Филипче.
Тој нагласи дека мора сите да ги почитуваме мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот и дека мора да се навикнеме да живееме со вирусот. Заедничка констатација на Комисијата за заразни болести, како што рече министерот, е дека и покрај зголемениот број на новодијагностицирани случаи изминатите денови – епидемијата е под контрола.
Во изминатото деноноќие се регистрирани се 22 нови случаја на Ковид-19 од 533 тестирања, меѓу кои 203 во рамките на скринингот во градинките во Скопје и во Велес. Регистрирани се и 50 оздравени пациенти, додека двајца пациенти починаа.
Најави дека денеска ќе се расправа и за следните чекори на олабавување на мерки за одредени субејкти и економски оператори, кои ги најавиле за крајот на оваа недела, како и за следните чекори за евентуално дополнително олабавување на превентивните мерки.
Овој викенд се преклопуваат два празника – Денот на светите просветители св. Кирил и Методиј и муслиманскиот верски празник Бајрам.