ЕПИДЕМИЈА НА ЛЕПТОСПИРОЗА ВО РЕГИОНОТ НА САРАЕВО Две ипол години не била извршена дератизација против глодари
Болеста се манифестира во две фази. Првата започнува со висока температура, болки во мускулите, главоболка и повраќање. Втората, позната како имунолошка фаза, може да предизвика Вејлова болест, тежок синдром со жолтица, бубрежна инсуфициенција и внатрешни крвавења.
Сараевскиот кантон се соочува со епидемија на лептоспироза, заразна болест што ја пренесуваат глодари и најчесто ги погодува лицата во полна работна возраст. Регистрирани се 22 лабораториски потврдени случаи, најмногу кај мажи на возраст од 25 до 35 години, јави Н1.
Стручњаците предупредуваат дека причината за брзото ширење лежи во фактот што повеќе од две ипол години во регионот не се спроведува систематска дератизација поради административни компликации во постапките за јавни набавки.
Системот за контрола на глодари е нефункционален
Здравствените власти нагласуваат дека системот за контрола на глодари, клучен за превенција, е нефункционален. Поради застој во јавните набавки, дератизацијата не се спроведува од пред повеќе од две години, што резултираше со драстично зголемена популација на глодари и зголемен ризик од зараза.
Институтот за јавно здравје на Сараевскиот кантон предложи прогласување на епидемија за да се олесни примената на итни здравствени мерки. Министерството за здравство го прифати предлогот, со цел навремено ограничување на ширењето.
Кои се препораките до граѓаните?
За да се спречи натамошно ширење, препораките се:
Често и темелно миење на рацете
Избегнување на одење бос низ тревни и влажни површини
Заштита на домови и работни простори од глодари – затворање на сите отвори
Детално миење овошје и зеленчук пред консумирање
Избегнување контакт со стоечка вода и непроверени природни водотеци
Што е лептоспироза?
Лептоспирозата е зооноза, бактериска инфекција што се пренесува од животни на луѓе, најчесто преку глодари. Предизвикувачот е бактеријата Leptospira interrogans, која преку урина од заразени животни контаминира вода и почва. Инфекцијата се случува кога бактеријата ќе навлезе во организмот преку оштетена кожа, очи, нос или уста, најчесто при контакт со загадена вода или кал.
Болеста се манифестира во две фази. Првата започнува со висока температура, болки во мускулите, главоболка и повраќање. Втората, позната како имунолошка фаза, може да предизвика Вејлова болест, тежок синдром со жолтица, бубрежна инсуфициенција и внатрешни крвавења.