ЕНЕРГЕТСКАТА ТРАНЗИЦИЈА ИЗГЛЕДАШЕ НЕВОЗМОЖНА, НО НИЕ ЈА ПРАВИМЕ ВОЗМОЖНА Мицкоски вели дека таа не е само техничко прашање, туку национален приоритет

Премиерот вели дека нашата визија е јасна: да ја подготвиме за иднината државата – за климатските предизвици, за технолошките промени и за глобалните ризици. Да создадеме регионален пример на стабилна, чиста и независна енергетска економија.

510

Енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање. Глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода. А без слобода — нема развој, нема стабилност, нема ниту достоинство, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на  Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14).

Тој посочи дека светот денес се менува со забрзано темпо. Она што порано значеше сигурен снабдувач, денес значи флексибилен систем, отпорен пазар и чисти извори на енергија.






– Енергетската транзиција изгледаше недостижна, скапа, бавна. Но, ние ја правиме возможна. Секој соларен панел, секоја ветерница, секоја нова електрана што работи на чиста енергија – тоа е дел од нашата современа борба за независност – рече Мицкоски.

Нашата Влада стои цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, рече тој,  но уште поважно – ја гради врската меѓу политиката и визијата.

– Нашата визија е јасна: да ја подготвиме за иднината државата – за климатските предизвици, за технолошките промени и за глобалните ризици. Да создадеме регионален пример на стабилна, чиста и независна енергетска економија. Знаеме дека тоа бара време, ресурси и упорност. Но, уште повеќе бара вера во сопствените сили. Затоа што транзицијата не е само технолошка — таа е ментална, вредносна и цивилизациска – рече Мицкоски.

Тој информира дека во изминатите неколку месеци се  направени значителни чекори.

-Започнавме интензивно со инвестиции во обновливи извори на енергија, воспоставивме јасни регулаторни рамки, изградивме енергетски интерконектори со соседните земји, започнавме програми за енергетска ефикасност во јавниот и приватниот сектор. Се поставуваат соларни и ветерни паркови кои пред само една деценија беа визија на хартија. Сега тие се реалност, дел од мрежата што ја храни иднината.Паралелно, инвестираме во човечки капитал, затоа што знаеме дека енергијата не доаѓа само од природата, туку и од луѓето кои создаваат, иновираат и сонуваат – рече Мицкоски.

Тој додаде дека енергијата може да се мери во џули, мегават-часови или барели, но постои и енергија што не се мери во лабораторија – човечката енергија, енергијата на визијата, трудот и посветеноста.

– Токму таа енергија ја чувствувам денес овде, во оваа сала.Тоа е енергијата што ја движи Македонија – народ кој не се плаши од промени, туку ги прегрнува како предизвик и како можност. Како што рече Винстон Черчил: „Не дозволувај кризните времиња да поминат без да ги искористиш за создавање нешто ново.” И ние така постапуваме – рече Мицкоски.

Според него, глобалните кризи не ги доживуваме како пречки, туку како поттик за нови решенија.

– Од Скопје денес испраќаме порака дека одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации .Енергетиката е срцето на економијата. И ако тоа срце чука рамномерно, целиот систем живее. Да го одржиме тој ритам е нашата заедничка одговорност, но и нашата најголема можност. Секоја инвестиција во чиста енергија е инвестиција во живот, здравје, стабилност и напредок. Секоја нова технологија што ја воведуваме, секој киловат што го произведуваме без загадување – тоа е чекор кон економија што ќе ја напојува иднината. Нашата цел не е само да ги исполнуваме меѓународните цели. Нашата цел е да ја создадеме економијата на иднината – интелигентна, дигитална, зелена и отпорна – рече Мицкоски.

На отворањето на форумот се обратија и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) и Армен Григоријан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) е насловен „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“ наредните три дена ќе дебатираат 150 експерти  на 35 панелски сесии.

Целта на тридневниот форум е да се премине од глобални цели кон конкретни акции – со јасни чекори за диверзификација на изворите, забрзување на обновливите инвестиции и развој на регионална соработка за енергетска стабилност.

Во рамки на форумот, ќе биде потпишана „Скопје декларација“ – документ кој ќе остане како значаен траен запис за заложбите на земјите учеснички кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Со ова, потенцираат од МЕРМС државава ја зацврстува својата позиција на енергетската светска мапа како рамноправен и кредибилен партнер во глобалната транзиција.

Форумот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) во соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и петте регионални комисии на ОН (UNECE, UNESCSP, UNECLAC, UNECA и ESCWS), најавени се над 600 учесници од 70 држави, владини и претставници на меѓународни организации, банки, академската заедница, приватниот сектор и на граѓански организации.

Поврзани содржини