ЕНЕРГЕТСКА КОМПАНИЈА ОД АБУ ДАБИ САКА ДА ГО КУПИ РУСКИОТ ДЕЛ ВО „НИС“ Русите тактизираат, Вучуќ им даде рок до средината на јануари
ADNOC веќе ја изрази својата намера да купи 56% од акциите во сопственост на компании поврзани со Газпром.
Државната енергетска компанија на Обединетите Арапски Емирати (ADNOC) е главен кандидат за преземање на руските акции во српската Нафтена индустрија (НИС). Но, проблемот е што Русите не се подготвени да ги продадат своите акции, иако имаа време и понуда, а Србија им дава рок до средината на јануари да ја завршат таа работа.
Иако ADNOC веќе ја изрази својата намера да купи 56% од акциите во сопственост на компании поврзани со Газпром, НИС продолжи со преговорите со други потенцијални партнери, како што е унгарскиот MOL, дознава Financial Times.
Судбината на НИС е неизвесна откако Министерството за финансии на САД воведе санкции против руските нафтени компании, меѓу кои беше и НИС. По девет одложувања, санкциите стапија во сила на почетокот на октомври, што значеше прекин на протокот на нафта и прекин на преработката во рафинеријата во Панчево.
Сепак, покрај прекините во производството, санкциите доведоа и до тензии меѓу ко-сопствениците на српската нафтена компанија. Имено, српските претставници се фрустрирани од фактот што Русите ја одложуваат продажбата, иако немало недостиг на купувачи, а имало доволно време пред да се активираат санкциите.
„Газпромнефт“ на почетокот на декември изјави дека НИС работи „со целосна поддршка од српската влада“ и додаде дека нивната соработка е „конструктивна“. Во таа изјава не се споменуваше можна продажба.
Србија побара да ги преземе руските акциите во компанијата, но и тоа не се реализира.
Сега Србија, како што изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, им даде рок на Русите до средината на јануари да ги продадат своите акции или ќе ја стави компанијата под државна администрација, иако се обидува да избегне национализација и конфискација на средства.