ЕНЕРГЕТСКА БУРA ГО ТРЕСЕ СВЕТОТ Нафтата „полуде“, барел се продава за 105 долари
Ескалацијата на конфликтот и прекините во снабдувањето со енергенси ги туркаат цените на нафтата нагоре и создаваат нов притисок врз светската економија.
Цената на суровата нафта тип Брент денеска се искачи на речиси 105 долари за барел, што претставува раст од повеќе од 40 проценти од почетокот на војната во Иран.
Барел Брент, кој важи за меѓународен ценовен стандард, поскапе за 1,6 проценти и достигна 104,73 долари, пренесуваат светските агенции.
Паралелно со тоа, американската референтна сурова нафта порасна за еден процент и се тргува по цена од 99,68 долари за барел, што е скок од речиси 50 проценти од почетокот на конфликтот.
Растот на цените се одрази и на финансиските пазари. На Вол Стрит во петокот се продлабочија загубите, бидејќи новите тензии повторно ја турнаа цената на нафтата над психолошката граница од 100 долари за барел, со што се засили инфлаторниот притисок врз глобалната економија.
Дополнителен удар за пазарот претставува затворањето на Ормускиот теснец, од каде што дневно се транспортираат милиони барели нафта. Според податоците на „Rystad Energy“, во период од нешто повеќе од една недела од употреба биле исклучени над 12 милиони барели нафтен еквивалент дневно.
Најновиот извештај на универзитетот во Мичиген покажува дека расположението на потрошувачите паднало на најниско ниво годинава, како резултат на растот на цените на горивата.
На девизните пазари, вредноста на американскиот долар утрово ослабе во однос на јапонскиот јен, додека еврото забележа зајакнување во однос на доларот. Аналитичарите предупредуваат дека неизвесноста околу конфликтот и енергетските текови може дополнително да влијае врз глобалната економска стабилност.