ЕНДОКРИНОЛОГ Е МАНДАТАР ВО СРБИЈА Вучиќ верува дека владата ќе биде избрана до Велики петок

1,629

Српскиот претседател Александар Вучиќ го предложи Ѓуро Мацут за мандатар на нова влада, јавија српските медиуми.

Мацут е лекар ендокринолог, дипломирал, магистрирал и докторирал на Медицинскиот факултет во Белград, каде што е редовен професор. Бил на специјализација за репродуктивна медицина и биологија на Универзитетот во Женева и во Светската здравствена организација.






Од 2015 до 2023 година бил член на Стручниот совет на Универзитетскиот клинички центар на Србија.

Во моментот е заменик директор на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички болести на Универзитетскиот клинички центар на Србија.

Премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка од таа функција на крајот на јануари, по напад  врз студенти  во Нови Сад. Српскиот Парламент на 19 март ја констатираше оставката на Вучевиќ, со што падна актуелната влада на Србија.

Рокот за избор на нова влада е 18 април, а Вучиќ е сигурен дека новата владат ќе биде избрана најдоцна во Велики петок.

Вучиќ вечерва изјави дека ситуацијата во регионот е многу тешка, особено политичката ситуација во Република Српска и БиХ и изрази загриженост дека каква било одлука за обид за апсење на Милорад Додик ќе биде катастрофална за целиот регион и за Србија.

Тој во обраќањето во Палатата Србија рече дека затоа е неопходно да се зачува мирот и да не се преземаат избрзани мерки.

Вучиќ најави дека се надева дека во следниот месец ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп за да разговараат за воведените царини и да се најде решение за нивно намалување на најниско можно ниво. Тој додаде дека се преземени мерки за воведените царини од 37 отсто и дека за тоа разговара со претставници на САД.

Поврзани содржини