Дали македонската јавност, или „јавност“, како сакате, во оваа веќе грозоморна колективна траума ќе се осмели да ја преиспита (и) сопствената одговорност за сите нешта што ни се случуваа(т)? И кога, и како ќе го направи тоа? На пример, за оваа „гасна комора“ во којашто континуирано нѐ држат, или за оние свирепи и бесмислени убиства на една млада 14-годишна девојка и 2-годишно девојче како врв на насилната хистерија што владее во државава, најчесто поттикнувана токму од институциите што треба да се борат против неа?
Па и за ова бескрајно толерирање на една ваква неспособна и криминална власт којашто дури и јавно ја легитимира својата неспособност? Или оној „премиер“ кој смета дека некој друг е одговорен за владеењето на правото во „државава“?
И тука, се разбира, не мислам на некаква директна одговорност на секој од нас небаре лично сме го повлекле чкрапалото на здивениот пиштол, или сме учествувале во скандалот во М-НАВ или во страотното аерозагадување во земјава. Но секако не мислам ни на онаа посакувана имагинарна колективна (не)одговорност, наследена од социјализмот и секојдневно (зло)употребувана кај нас во стотици вакви случаи. Поточно, прашањето е дали секој од нас барем, во еден миг на искреност, ќе се запраша: не можев(ме) ли некако да го сопреме сето ова криминално лудило?
Дали (барем) јавно кренатиот глас ќе сменеше нешто во веќе безобразното толерирање на оваа власт (не само) на „економските“ профитери, безмилосните трујачи, силеџиските криминални банди, гангстерите и убијците во политиката и на улиците… само поради фактот што потекнуваат од нејзините редови и/или „подмладоци“? И што ги вршат и нивните валкани работи? Би значел ли навистина нешто еден кренат глас во глувава пустина? И уште што треба да се случи за да го прекинеме овој молк и оваа индиферентност?
Или и ние, како и оваа власт, ќе се сокриеме зад дефетистичкото „не може(в)ме“? И што говори тоа за нас?
Ние денес веќе можеме да составиме тритомна енциклопедија на македонскиот молк за овие десетина години. Повеќетомна за изминатите три децении! Премолчевме безмалку сѐ што можеше да се премолчи. Со ретки исклучоци, тук-таму, кога не ни беше поважен сопствениот задник од општото добро.
И таа енциклопедија, како и секоја друга, би започнала од „А“ набројувајќи ги, на пример, сите државни агенции за грабеж чиишто криминали успешно ги одмолчевме, па би дошла до онаа Ангеловска како „министерка“ за едно лето, сега и до овој „црнолисташ“ Анѓушев итн. Веќе на „Б“ нѐ чекаат фамозните „Бехтел и Енка“ кои така „прогресивно“ ќе нѐ олеснат за 1,5 милијарда евра, па Бугарија и сите идиотски идентитетски „операции“ на власта во врска со „главниот“ услов за нашите пристапни ЕУ преговори.
Малку понатаму, на пример на „З“, би нѐ пресретнал надобудниот Заев со раката на срцето и кошницата под мишка со сите кукавички јајца што ни ги подметна, па на „М“ модуларната болница во Тетово а сега и овој „М-НАВ“, на „Н“ „славното“ Нивици и НАТО „епопејата“, на „О“ црнилата на Онкологија, на „П“ оние „непостоечки“ протоколи коишто дефинитивно ќе ја запечатат македонската историја 1941-1944 година, на „Ф“ стамено стои „францускиот предлог“ како брана за земјава за започнување на пристапните преговори со ЕУ, но и, на пример, „фамозниот“ Филипче како слика и прилика на македонското здравство, па оној Фонд за иновации и технолошки развој којшто фрли во ветар дури и повеќе пари од оние што можат да ги поарчат „Бехтел и Енка“ итн., итн.
Се разбира, на „Ш“ суверено би владеел зборот штама во сите негови изворни и изведени значења како најкарактеристичен облик на однесување на македонскиот граѓанин.
Да беше историјата на човечката цивилизација историја на молкот ние (и) таму ќе бевме на првото место. За светот ионака одамна не постоиме, не сме компатибилни ни меродавни, немаме што да му понудиме или покажеме. Освен нашиот молк како наша традиција и сегашност, не дај боже и иднина!
За среќа, вистинската историја на цивилизацијата е (и) историја на отпорот, на бунтот, на гласноста, на битките за слобода, правда, лични и колективни права. И македонската историја е таква уште од памтивека. Иако не мораме да одиме толку далеку – ене ја 1941 година и гласноста на востанието против тогашниот фашистички окупатор. Колку и да е денес потиснувана до (од некого) посакуван заборав, за среќа секогаш ќе има кој да нѐ потсети на неа. Таа историја е незаборав, па и онаа од 1903 или од 1876 и 1878/9 година итн.
Дали неславниот заборав на таа историја го започнавме во онаа 1991 година и ФИРОМ-изацијата, па приватизацијата, па рамковизацијата, па антиквизацијата, па заевизацијата…, со цел да релативизираме сѐ, па и сопствената гордост? И за какви цели и оваа неспособна денешна банда шарлатани, со нивната „прогресивна“ налудничавост за промената на името, на историјата, на идентитетот, на јазикот…, за само неколку години дефинитивно ја запечатува и криминализацијата на целото општество? Беспоговорно – да!
Оние ретки бунтовни тонови во не така далечната 2016 година и народниот гнев и отпор против погубните политики на „груевизмот“ веќе паѓаат во заборав неспомнувани од никого, а грото од тие некогашни парталковци кои се самопомовираа во тогашни „водачи“ и ги сместија задниците во сите можни фотелји, сега се само обични глувци сокриени во темните дупки на срамот. Ако воопшто кај нив постои чувство на срам!
Тој краткотраен историски „инцидент“ – зашто, очигледно е, тоа не беше ништо друго – широко ја отвори вратата на ова што сега ни се случува и што не е во ништо различно од она во времето на „груевизмот“. Напротив, оваа „прогресивна“ банда само ги надгради ароганцијата, самобендисаноста, силеџиството, криминалот и коруптивноста и нашето чувство на страв и безизлез.
Македонската енциклопедија на молкот под „И“ ќе може да забележи дека денес нема ни искра од онаа бунтовност и гласност, а под „С“ дека веќе нѐ јаде сомнеж дека и таа 2016 година била некаков конструкт а не автохтон израз на револт. Толку ли е силна пропагандната машинерија на власта па успева да го убеди граѓанинот дека и ние, всушност, сме само некаков „инцидент“ во историјата? И дека ова што ни се случува е производ на општиот македонски „менталитет“? И дека тие воопшто не ја расипуваат нашата „успешна приказна“, уште помалку „извонредност“? Толку ли станавме плашливи, понизни, „меланхолични“ (како што сугерира почитуваната Колбе)? А сепак, меланхолијата е својствена на луѓе со „душа“. Следствено, не сум сигурен дека ние (сѐ уште) се вбројуваме во – такви луѓе. Македонската душа одамна ја зедоа силеџии како оваа власт!
Извор: Теодосиевски уметност